Search
Close this search box.

Каролина Ристова-Астеруд

DAS ÜBERGESETZLICHE RECHT NACH PROFESSOR MARJANOVIK GEGEN GESETZLICHES UNRECHT
ИЛИ,
НАДЗАКОНСКОТО ПРАВО НА ПРОФЕСОРОТ МАРЈАНОВИЌ ПРОТИВ ЗАКОНСКОТО НЕПРАВО

Напишано од проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд, редовен професор на правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, УКИМ, поранешна пратеничка во Собранието на РМ (2002-2006)

Demokratie ist gewiß ein preisenswertes Gut, Rechtsstaat ist aber wie das tägliche Brot, wie Wasser zum Trinken und wie Luft zum Atmen, und das Beste an der Demokratie gerade dieses, daß nur sie geeignet ist, den Rechtsstaat zu sichern.

(Gustav Radbruch, Gesetzliches Unrecht und übergesetzliches Recht, Süddeutsche Juristenzeitung, 1, 1946)

Во рамки на своите пионерски напори за развивање на филозофијата на правото како нов и засебен наставен предмет во рамки на Катедрата за теоретски правни науки, Правниот факултет „Јустинијан Први“, меѓу другото, се одлучи да обезбеди превод на влијателната Rechtsphilosophie на Густав Радбрух. Преведувањето од германски јазик, па уште и на правна проблематика која е високоумствена „аристократија на правото“, секако дека преставуваше значителен и одговорен предизвик. Но, за среќа, Факултетот во своите редови го имaше вистинскиот човек за таков еден потфат – проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ. Тој беше пакување „три во едно“: полиглот кој го владееше и германскиот (правен) јазик, врвен професор по право, но и познат, па и ноторен, по својата церебралност за сите работи jus (право) и lex (закон). Потфатот беше успешен, и Радбруховата „Филозофија на правото“ за првпат беше објавена на македонски јазик во 2008 година. Но, преведувањето на Радбруховото капитално дело не е единствената врска меѓу двајцата правни мислители. Тоа што го ставив како наслов на ова мој текст во негова чест, како и една од најцитираните Радбруховите мисли веднаш под насловот, верувам дека преставуваат другите две важни нитки на нивна меѓусебна поврзаност, иако тие делувале во различни простори и време.

Сето граѓанско-политичко и академско битисување на проф. Марјановиќ е по Радбруховиот концепт за „законското неправо“ и „надзаконското право“. Тоа ударно е изразено преку неговата борба против вербалниот деликт како озаконето неправо од аспект на човечката индивидуална слобода како надзаконско право. Често го помислувам професорот во контекст на сите актуелни авторитарни трендови по кои слободата на говорот, иако темелна правна вредност и мотор на развојот на еврозападната цивилизација, се третира како небаре е исклучок, а нејзините ограничувања, па и целосно одземање, како да се и како да треба да бидат правилото. Во пост- Марјановиќ ерата, и покрај сето уважување и признание за неговата борба против вербалниот деликт, го наоѓам за цинично и бескрајно тажно тоа што ни се размножуваат нови и нови форми на вербален деликт, и како позитивно-правни формулации, уште повеќе по нивните екстензивини толкувања во правната пракса. Можам само да замислам како професорот би забоцкал со неговото перо против нарциосоидно-инфантилизирачки тендеции да се умислува некакво си „право да не се биде навреден“, па уште како правен концепт во услови на либерално-демократски поредок, сето тоа спротивно на неговите длабоко либерални вредносни ориентации, а несомнено декларирани и како наш уставен поредок. Се прашувам како тој би се поставил наспрема сиот тој лизгав терен на субјективна арбитрерност и вештерски тестови за одбрана од истата, сите тие деликтни одредености од нечии внатрешни вредносни ориентации и чувства, неретко изгатани за такви дури и во име на цели групи на луѓе, и во придружба на вуду-вештачење за умисла, каузалитет и ефект. Тоа ударно се однесува на т.н говор на омраза, кој од почетната концептуална замисла да адресира сериозни, реални и конкретни закани за насилство врз индивидуи и групи, нараснува во франкештајн-конструкција која ни изнедрува разно-разни цензури, па дури и ефективни теократски забрани за бласфемии, нешто што е надминато во некои минати векови, и што е за сериозен уплав фаќање. Да не ги заборавиме и разно-разните прекршочни и казнено-правни, што стари, што нови, „навреди“, „исмејувања“ и „подбиви“ на вакви-такви симболи, а и ентитети, како што се кутрите ни држави и меѓународни организации и нивните преставници, чии чувства и чест, ете, мора да бидат заштитени од доживеани трауми, и покрај очебијната нивна асиметрична надмоќ над индивидуите, и покрај нивниот монопол врз власта, ресурсите и оружјето наспрема „навредувачите“, „исмевачите“ и „подбивачите“.

Фотографијата која го придружува овој текст е мојот последен спомен со професорот, сликана во јануари 2015 година. Бевме на некој протест, не ми текнува за што, не беа малку работи, претпоставувам за заштита на универзитетската автономија. Иако професорот веќе во подминати години и со кревко здравје, сеуште не само што го збореше зборот, туку го одеше и одот. Како и за Радбрух, така и за него, слободата, либералната демократија и владеењето на правото беа како воздухот, водата и лебот.