Штип, 7 октомври 2026 – Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 7 октомври 2026 година потпишаа Меморандум за соработка со кој се поставува основата за започнување на работата на Национална стратегија за поттикнување на читањето кај младите.
Меморандумот го потпишаа извршниот директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, Александар Марјановиќ, и деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов.
Иницијативата произлегува од потребата проблемот со намалениот интерес за читање кај децата и младите да не се третира преку изолирани и повремени активности, туку преку долгорочен, системски и научно заснован пристап.
Целта е во процесот да се поврзат академската заедница, образовните институции, училиштата, библиотеките, наставниците, родителите, издавачите, медиумите, граѓанските организации и другите релевантни чинители и заеднички да се утврдат причините, приоритетите и мерките што можат долгорочно да придонесат кон создавање и развивање читачки навики кај младите.
Особено внимание ќе биде посветено и на современата средина во која растат младите – влијанието на дигиталните медиуми, социјалните мрежи и алгоритмите врз начинот на кој тие го користат своето време, го восприемаат текстот и го градат односот кон книгата и читањето. Токму продлабочувањето на истражувањето на овие прашања е една од целите утврдени со Меморандумот.
Партнерството со Факултетот за образовни науки треба да обезбеди академска и истражувачка основа за овој процес. Предвидени се заеднички истражувања, вклучување на наставен кадар и студенти, размена на експертиза и методологии, организирање стручни и јавни настани и подготовка на заеднички проекти.
Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ во изминатиот период веќе реализира активности насочени кон поттикнување на читањето кај децата и младите. Натпреварот во раскажување, како и другите активности во оваа област, претставуваат само дел од една поширока заложба. Следниот чекор е тие искуства да се надградат со истражување, вклучување на релевантните институции и создавање заедничка национална рамка.
Националната стратегија не треба да биде стратегија на една организација или една институција. Амбицијата е таа да биде создадена низ широк, отворен и стручен процес и да понуди конкретни, остварливи и мерливи насоки за тоа како Македонија долгорочно ќе ја гради културата на читање кај новите генерации.







