27.01.2000
Човек понекогаш знае да биде возбуден од нешто, а да не биде свесен за својата возбуда. Тогаш во дејство обично стапува несоницата. Нема ни забрзан пулс ниту пак покачен крвен притисок, навидум е сосема прибран, мирен, само – никако да заспие! И почнува да размислува за нешто што треба да го стори, а тоа уште повеќе го оддалечува од сонот.Токму тоа ми се случи ноќеска. Легнав релативно рано (во два часот по полноќ) и убаво, мирно спиев до четири, кога се разбудив и станав да се напијам вода и го чув Марко (магарето на соседот) како збеснато тропа со копитата по лимените ѕидови на својата подвижна куќичка со која го возат по градот и со него, вапсан како зебра, ги сликаат дечињата. Така мојот досетлив сосед се обидува да заработи некоја паричка и да преживее. Арно ама ноќе на Марко воопшто не му е удобно во тесниот метален затвор, па по цела ноќ тропа ли тропа кутриот без да има кој да му помогне. Да сме Англија секако би се нашол некој да го пријави и соседот да одговара за измачување на животно. Ама не сме Англија, туку Балкан бавча, Македонија, а во неа никој не се грижи ни за луѓето, а камоли за животните. Пред некој ден минувам преку Камениот мост по едно кучешки луто време, студот просто апе по образите, а некои Цигани среде мостот (врз едно лито картонче) оставиле бебе не постаро од две години за да пита за нив. Лежи кутрото, не мрда. Луѓето минуваат, вртат глава или им пцујат сѐ по список на бездушните родители. Да сме правна држава, како што не сме, г. Ставре Џиков би ги викнал на рапорт скопските обвинители да ги распраша чуле ли некогаш за чл.201 ст. 2 КЗ (кој со затвор од три месеци до три години ги казнува родителите што од користољубие го наведуваат своето дете на питање). Но, како што на овие страници повеќе пати констатиравме, г. Џиков очигледно има поважни работи општо да се грижи за примената на Кривичниот законик, било да е во прашање Циле Национале, било да се во прашање питачите. Дотолку повеќе што последниве се Роми, а тој (и преку селективната примена на законот?) мора да дава свој придонес за “релаксираните меѓуетнички односи”.
Ете такви мисли фатија да ми се вртат по главата, во чиешто некое катче дремеше и сознанието дека е вторник и дека денес треба да си ја напишам “домашната работа” (како што самиот ги нарекувам моиве колумни). И така, мислејќи си од едно на друго на трето стана девет часот, а јас око не заклопив. Околу девет сум заспал (сега сме на зимски распуст, па може да си го допуштам луксузот на дневно доспивање), та сум поспал едно два часа.
Со оглед на тоа дека несоницата и не ми е сосема ретка гостинка, а”со сила убавина не бидува”, будната состојба обично ја користам за да читам, придружуван со музиката што ја сакам (овој пат со моето најново откритие, Ѓироламо Фрескобалди, италијанскиот Бах). Дури отпосле, обидувајќе да си протолкувам на што се должи несоницата, се сетив дека за тоа е виновна госпоѓа Винка Саздова од ЗУМПРЕС, која најсериозно работи врз објавувањето на “Комбре”, првата книга од циклусот “во потрага по загубеното време” од Пруст, врз чиишто коректури деновиве манијачки работам (читајќи го по трет пат преломениот текст и постојано откривајќи ситни печатни грешки). Тоа ќе да е! Појавата на Пруст на македонски ме восхитува, длабоко вознемирувајќи ме. Неверојатно сложен, многуслоен автор, расипнички богат јазик, а сето тоа, пренесено на македонски, сепак звучи како вистинска поезија во проза (да си се пофалам, зашто нема шанса некој друг тоа да го стори). Мора да е тоа причината за мојот немир и за несоницата.
Ова меѓутоа, е пријатен немир, немир што човека го тера буден да сонува, да мечтае (притоа нема големо значење што има шеесет години!). И да го моли Господа да му го чува умот за да втаса да ја доврши големата работа за која се нафатил (делото има тринаесет густо исполнети тома, а јас сум во втората половина од вториот).
И среде оваа убава, по малу декадентна атмосфера, во која не се мисли во политички, туку во вредносни категории за иднината на Македонија, на нашиот убав јазик, одеднаш се јавува познат глас (мојот кумашин и соборец во Лигата за демократија) кој триумфално ми соопштува дека му јавиле дека на радио станицата Буба Мара мојата страница во ДНЕВНИК слушателите ја прогласиле за најчитана. Не знам зошто туку одеднаш ми се јави мачнина во стомакот. Молчев и ги слушав славопојките на кумашинот. Свечено доделување на признанијата во универзалната сала. Ми го рече и името на оној што ќе ги врачува (секоја чест, човекот ми е познаник). Ќе имало и телевизиски пренос и цела Македонија ќе дознаела за тоа. Тоа ќе било прекрасна реклама за нашата Лига за демократија. Е тука веќе ми препукна и му се изназборев на човекот, небаре тој лично беше виновен за мојот бес! Му реков (и повторувам) дека таков вид циркус можат да прават алтернативните демократи, но не и ние од Лигата. Дека сум бесен токму на тие малограѓански читатели што спрема моите усилби да помогнам ова парче земја да стане асолна европска правна држава, пристојно место за живеење, а не бојно поле на мафиози од секаков сој, се однесуваат како спрема чиста литература, па ги интересираат “поентите”, иронијата, сарказмот итн итн. А мене признанија од таков сој луѓе не ми требаат. Ми е гајле за нивните ситни одушевувања кога немаат… (да не речам мадиња, зашто жена ми ќе рече дека си го расипувам јазикот), па ако веќе се согласни со она што го пишувам или говорам да се приклучат за да ги оствариме тие цели.
Во еден момент со чудење се свестив: тоа што не му успеа на “човекот од Бардовци”, кој во НОВА МАКЕДОНИЈА напиша половина страница напади врз мене, неверојатно ефектно му успеа на некој друг и со средство пред кое човек останува без збор: одамна никој не ме повредил толку длабоко, толку болно, не ме погодил во почувствително место од оној што дошол на идејата да ми го даде ова признание. Она што боли е дека се работи за безочен фалсификат: популарни колумнисти се Циле Национале, Љубен Пауновски. Каде да се појават тие или нивните водачи народот паѓа во делириум. Ова со мене е ујдурма во која не сакам да учествувам и овдека (на инкриминиранава страница”) од тоа јавно, јасно и гласно се оградувам. Универзалната сала ќе причека на Лигата за демократија!
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.