160
Пишува: Тодор Мировски
- Строг, правичен и чесен. Израснат сум во професорска куќа во која имавме секојдневна комуникација со интелектуалниот крем на Македонија. Професорот е веројатно единствениот на кого му се обраќавме со Професоре, а истиот термин (професорот) го употребувавме кога го спомнувавме во негово отсуство!
- Во средно школо скршив рака при кошаркарски натпревар со друго училиште. Класната ми рече дека тоа сум го направил намерно за да не правам писмена (мислам математика). Беше сериозна во обраќањето. Тоа бесе причина за првата и единствена посета на татко ми на родителска средба. Кога татко ми ја соочи класната со нејзината изјава, сите родители гледаа во земја плашејќи се со нивните реакции да не предизвикаат несакан однос од професорката кон нивните деца. Само професорот Марјановиќ јавно застана на страна на татко ми и ѝ рече дека треба да се засрами за својата изјава.
- Татко ми млад почина. Први кои дојдоа на сочувство и да ни дадат до знаење дека се тука за нас беа Марјановиќи и Димитрови и тоа никогаш нема да го заборавам.
- Ќерката на семејниот кум паднала 3 пати кривично. Татко ѝ дојде изваден од памет кај нас со молба татко ми да ургира кај Професорот. Иако татко ми му објасни на кумот дека тоа е контрапродуктивно, не можеше да оддолее на притисокот и за неколку денови отиде кај Професорот. Ѓорѓи, уште од врата на кабинетот знаел за што се работи и му рекол на татко ми „Вањо, не ми кажувај за кого е ургенцијата, ако ми споменеш име нема да заврши факултет“! Без спомнато име во следната сесија кумата пријавена на испит и Професорот ја прозива „ајде ти кумата на Вањо да видиме како си се спремила“. Она извадена од памет, ама одлично подготвена, добила 8!
- Дојде време да полагам Кривично. Професорот, на негова иницијатива (веројатно прв и единствет пат во кариерата’’ ми вели ‘’Тошко, повели во сабота ако сакаш, тетка Мира ќе направи раванија а јас ќе те испрашам во работната соба убаво, и ќе добиеш соодветна оцена“. Се извадив од памет, не бев можеби најдобар студент, притисокот од неговиот авторитет и семејното пријателство го стори своето, се уплашив и му реков дека не сакам да го срушам митот за професорот Марјановиќ и полагав кај колегата Камбовски. До ден денесен ми е жал 😊
- Татко ми на 22 години дошол до 3 година правен, се запослил и не го довршил факултетот. 1980, на 40 години мајка ми му ги купи книгите од испитите кои преостанувале и го натера да го доврши факултетот. И Вањо прво кај професорот Марјановиќ да му каже дека решил да заврши факултет (беше веќе позната медиумска личност во тоа време). Првата забелешка од професорот била „Вањо, одлична идеја, само немој да очекуваш протекција од мене“.
Појаснување за читателите: Вања Мировски и Ѓорѓи Марјановиќ се школски другари од гимназија а Тодор (авторот на овој текст) и Филип Марјановиќ (синот на Ѓорѓи) се исто така школски другари од гимназија.
Сте биле сведок на интересна случка?
Доколку лично сте присуствувале на некој интересен настан и сакате да го споделите со јавноста, ве молиме контактирајте нè на contact@fgm.org.mk или 076 406 996.