Советување: „Библиотеката – темел на писменоста“

КУМАНОВО, 29 септември 2026 година – Книгата, читањето и развивањето љубов кон пишаниот збор се меѓу најважните предуслови за создавање генерации што умеат критички да размислуваат, јасно да се изразуваат и одговорно да ја преземат својата улога во општеството. Ова беше една од клучните пораки на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ на стручното советување „Библиотеката – темел на писменоста: Читањето во ерата на екраните – битка помеѓу алгоритмите и книгата“, одржано во Занаетчискиот дом во Куманово.

Во централниот воведен дел од настанот, извршниот директор на Фондацијата, Александар Марјановиќ, порача дека младите луѓе можат да прераснат во вистински лидери само ако кај нив се развива искрена љубов кон книгата и читањето, а не ако читањето им се наметнува како обврска.

„Веруваме дека книгата е клучот за сѐ. Натпреварот во раскажување прочитани книги, кој веќе четири години по ред се организира на национално ниво, служи како магнет што ги привлекува децата од цела Македонија да читаат и да го вежбаат јавното говорење како неопходна лидерска вештина. Со учеството во натпреварот, сите деца автоматски се квалификуваат и за бесплатно учество во Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“, каде што, покрај јавното говорење, стекнуваат вештини за дебатирање и критичко размислување, како и знаења од областа на моралните вредности и бонтонот“, истакна Марјановиќ.

Советувањето беше организирано по повод 5 Октомври – Меѓународниот ден на учителот и Детската недела, како и во чест на 80-годишнината од излегувањето од печат на првиот буквар на стандарден македонски јазик и првото списание за деца.

Настанот беше плод на заложбите на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ФОН при УГД – Штип, Здружението на просветни работници на Куманово, Сојузот на просветни работници на Македонија, Здружението на одделенски наставници „Учител“, ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ и Општина Куманово, со поддршка на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и издавачката куќа „Просветно дело“.

Во официјалниот дел, со поздравни обраќања пред присутните настапија претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓоргиевска, раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ, и претседателката на Здружението на просветни работници на Куманово, Анита Димовска.

Книгата и читањето во дигиталната ера

Стручниот дел од советувањето понуди богата агенда со излагања на професори, едукатори, наставници, библиотекари и автори:

  • Проф. д-р Трајче Стојанов, декан на Факултетот за образовни науки при УГД – Штип, говореше на темата „Да ви даде Бог живот на читател“.
  • Проф. д-р Мариета Петрова од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје ги разгледа врските меѓу читањето, разбирањето и креативното изразување кај децата.
  • Ивана Николиќ, директорка на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, ја истакна книгата како незаменлив пријател од најраното детство.
  • Иле Михајловски, наставник во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Свети Николе, презентираше практични насоки за читањето во ерата на екраните.
  • Марина Алексиќ и Сандра Глигоријевска од ЈОУ „Тане Георгиевски“ – Куманово ја претставија улогата на библиотекарите како мост помеѓу читателите и знаењето.
  • Душица Јакимовска, координаторка на ЗОН „Учител“ – Куманово, сподели инспиративни практики за поттикнување на читачките навики.
  • Ксенија Маказлиева Трајчева, писателка и одговорна уредничка во „Просветно дело“, даде преглед на осумте децении издаваштво за деца и млади.

Советувањето заврши со конструктивна дискусија меѓу учесниците и со заеднички заклучок дека, во време на брз развој на дигиталните технологии и алгоритми, печатената книга останува незаменлив темел на описменувањето, градењето на карактерот и развојот на критичката мисла кај новите генерации.