Збогување со Марјановиќ, нашата ѕвезда во мракот
Напишано од Биљана Ванковска, доктор на политички науки, редовна професорка и раководителка на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје.
Колумната ја бев напишала (за попишаните/отпишаните), кога стигна веста дека нѐ напуштил мојот најсакан професор, Ѓорѓи Марјановиќ. Ја турнав настрана, бидејќи императив е да се простам од човекот што толку многу влијаеше на мојот академски и интелектуален развој. Макар со колумна… Впрочем, и пошироката јавност сѐ уште живо се сеќава на неговите филигран-колумни, зар не? Но како да им го опишам на помладите ликот на тој необичен и редок професор, онака како што јас го видов во далечната 1980 година? Беше редок тогаш, а денес такви ликови речиси и да нема.
Неговите предавања беа посетувани не поради дисциплински мерки или списоци, туку затоа што на нив не можевте да заспиете! Да, се случуваше од катедрата на големиот амфитеатар на Правниот факултет да ви седне намуртен човек, со побелена коса, од кого навидум очекувате мудрост и знаење, а да добиете мрморење, здодевно нижење зборови или дури и читање од неговата книга. Марјановиќ беше сѐ, освен здодевен. Насмеан, харизматичен, но со луциден ум и остар јазик, со реторика што провоцираше, па дури и шокираше (тоа сепак беше едно пуританско време). Тој, всушност, нѐ подготвуваше за вистинскиот живот, оној во кој се соочувавте со дното на кое може да паднат човекот и општеството, а кривичното право беше патоказ кон правдата. Кај студентите постоеше страхопочит, па се шепотеше по аулите дека ако поминеш кај него, речиси си го завршил факултетот. Околу неговиот лик се плетеа и шепотеа приказни за неговата лична храброст и авторитет заслужен во пошироките, југословенски кругови (ретко кој наш професор беше афирмиран на југословенски или на европски план). Дури кога созреавме сфативме каква важна битка водел нашиот професор во име на слободата на мислата и говорот, а против т.н. вербален деликт. Знаевме инстинктивно и дека е дисидент, дека не е баш омилен во тие крути политички коректни комунистички кругови што доминираа на Факултетот. Можеби затоа и ни беше инстинктивно привлечен и инспиративен.
Покрај одличното знаење по кривично право, од него научив уште една работа што често им ја кажуваше на најдобрите студенти (а знаеше да ги препознае во миг): noblesse oblige, ќе им кажеше на студентите што веќе зачекориле кон групата на најдобри, со највисок просек! Тоа значеше постојана обврска да се припаѓа на тоа интелектуално благородничко друштво, да се одржува високото ниво и да не се киксне на ниту еден предмет. Полагав кај него во првата сесија. Беше одлично, но не и перфектно, па тој ме праша дали ја сакам деветката или ќе дојдам да преполагам за десетка. Под притисок на други тешки предмети во таа втора година ја прифатив понудената оценка, но ветив дека наесен ќе се јавам повторно. Ми ја запиша оценката во индексот со некакво мало разочарување, убеден дека повеќе нема да ме види. Но кога есента, со сите други предмети веќе положени, чукнав на вратата на неговиот кабинет со мојата најблиска колешка (која сакаше да си ја поправи осумката), беше вџашен од нашата одважност и радосен што некој навистина сака да се докаже. Испитот не беше како оној класичниот, не одговаравме на теориски прашања од учебникот, туку бевме фрлени в оган да решаваме на самото место кривичноправни загатки, хипотетички случаи, кои евентуално би ни се појавиле како судиски предизвик. По еден час жив разговор, сатисфакцијата не беше во десетката (најголемата во мојот индекс, која се шири од едната до другата линија на графата), туку во неговото спонтано прашање: „Колешке, дали планирате да останете на факултет?“
Ќе полетав од среќа! Одговорив потврдно, но додадов дека планирам да продолжам на политички науки. Ми одговори: „Ќе згрешите, имате ум на кривичар! Но ве разбирам и јас во младоста сакав да тргнам по таа патека.“ Кога наредниот семестар дојдов повторно кај него со молба да го полагам Кривично право (посебен дел), што му беше инаку доделен на Камбовски, кој се сметаше за полесен пат до добра оценка, со чудна насмевка благо ме одби за да не го нарушува редот на факултетот. Млада и наивна не ни знаев дека токму Камбовски бил неговиот „партиски обвинител“ кога го гонеле партиските структури поради „идеолошко застранување“.
Сите знаете до каде стигна едниот. А Марјановиќ беше и остана најдобар доказ дека титулата академик се заслужува и носи во срцата на многу генерации студенти и колеги, за кои тој беше морален светилник, а не со указ на некоја институција со нарушени фундаменти. Од него научивме што значи да се биде ерудит и интелектуалец. Тој храбар човек (кој не се сметаше за таков) зборовите ги земаше сериозно, дури и кога звучеа шегобијно. А на титулите им се подбиваше. МАНУ го доби оној што го заслужува.
Подоцна, додека веќе чекорев од магистериум кон докторат, тој се беше активирал во политичкиот живот, формирајќи ја Лигата за демократија, бранувајќи ги уште еднаш холовите на Правниот факултет. Гледано од денешна призма, тоа беше веројатно една од најчистите/чесните либерални партии (во најдобрата смисла на зборот). Велеа дека Лигата е единствената партија што не била формирана од УДБА. Оној што беше паталец од претходниот систем, а не гаталец, знаеше како треба да изгледаат слободата и подоброто општество. Сонуваше за Македонија како пристојно место за живеење, затоа што и самиот беше оличение на пристојност, сестрана образованост, разум и култура. Во колумните не штедеше никого, ниту еден авторитет, вклучувајќи ги и „вавилонската блудница“, Европа, и Атињаните. Пишуваше на јазик разбирлив за сите, со духовитост и жар.
Иако останав на универзитетот како што тој посакуваше, ретко се среќававме. Но кога ќе се сретневме знаеше да каже: „Се гледа дека не сум ставал десетки кому било, туку само на најдобрите“. Од него научив нешто и за родителството: тој со три повозрасни синови, а јас со три помлади ќерки, а од него го разбрав феноменот на „средното дете“, кое секогаш има посебна мотивација да се избори за видливост меѓу првото и најмалото. Тоа секогаш го имав на ум гледајќи ја моја Ведрана како си го пробива патот. Во политичките и јавните води повремено ни се вкрстуваа патиштата, дури и кога здравјето почна да му опаѓа.
Во времето кога беа актуелни хашките процеси за воени злосторства, гостувавме заедно во студиото на МТВ. Додека тој и сопругата ме возеа до домот го продолживме разговорот, па ми беше жал што не живеам подалеку. Во една пригода се одзвав на поканата да зборувам на трибина во организација на Лигата во Прилеп. Се сеќавам на впечатоците потоа: иако го знаев, сепак бев вчудовидена што зборува толку искрено за политичките процеси и политичарите, што личеше како да си пука в нога. Професорот и интелектуалецот не можеа да му остават простор на политичарот Марјановиќ, кој не се ни обидуваше да ги заведе и залаже своите симпатизери. Беше брутално искрен. Најголемата чест што ми ја укажа мојот стар професор беше дадениот потпис за мојот обид да се кандидирам за претседателските избори во 2014 година – и покрај здравствените проблеми. Бев толку растреперена и почестена од тој потпис што веќе не беше важно што ми недостигаа уште 10.000 други. Последната јавна работа на која се најдовме во исти редови беа протестите на студентскиот и професорскиот пленум.
Веста за неговото заминување побуди силни реакции: и покрај вообичаеното лицемерство и куртоазија, сепак доминираше еден општ одек од сите негови студенти. Колку силен белег оставил тој врз сите нас, што децении подоцна го почувствувавме толку јасно! Едноставно, секој од нас знае каква чест било Марјановиќ да ти бил учител. И секој знае дека тој беше не само голем професор туку и човек што искрено си ја сакаше „жална Македонија“ (како што ја нарекуваше). Ги нарекуваше нештата како што заслужуваат, со „име и презиме“, без пардон и без ракавици! По денешните стандарди, дури и оние што сега го оплакуваат, да беше активен веројатно ќе му лепеа етикети на „небањат“, „националист“ и антизападен елемент. На пример, во една своја колумна ќе напише: „Тоа е судбината на Македонија соочена со европското бесрамие. Не е чудо што Македонците ја нарекуваат Европа како ’вавилонска блудница‘… Некои други ’Турци‘ ја пустошат денес Македонија, а Европа не ѝ помага на жртвата. Напротив, таа ги помага ’убијците и разбојниците‘ на лордот Робертсон. Оттаму имам впечаток дека македонскиот човек се срами што е европски народ. Тој живее во уверување дека Европа сака да нѐ сотре – како држава и како народ.“
Сметаше дека ни чинат неправда со името, со блокадите, со рамковниот договор, со…
Почивајте во мир, сакан професоре! Имавте живот што вредеше да се живее. Вашите дела ќе ги читаат селективно, ќе ве испратат со почести или со сведнати глави, бидејќи тие главата и никогаш не ја дигнале високо. Веројатно знаевте дека од Македонија направија место за умирање, а не за живеење. Заминувате во време кога над светот се надвиснуваат темни облаци на цензура, а во Македонија се повампирува вербалниот деликт во вид на „забрана на негативно мислење“ против моќните или наводен говор на омраза. Денес дури и букви од азбуката се озлогласени. А професори или аминуваат или молчат затоа што зборувањето е потенцијален деликт. Заминавте кога вашиот завет стана поважен од кога било порано, а универзитетските аули зјаат од мрак и штама. Ќе ни недостигате.