Search
Close this search box.

Вебинар: Создавање идни генерации лидери кои Македонија ќе ја направат пристојно место за живеење

На 6 јули 2023 год. г-динот Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, одржа онлајн предавање на тема „Создавање идни генерации лидери кои Македонија ќе ја направат пристојно место за живеење.“

На предавањето кое траеше околу 40 минути, Александар зборуваше за:

  • [00:00] Ѓорѓи и околностите кои го обликувале како човек,
  • [08:25] планот како да се направи Македонија пристојно место за живеење,
  • [09:41] Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“,
  • [13:22] натпреварот во раскажување, и
  • [25:48] одговараше на прашања во врска со натпреварот.

Снимката од предавањето можете да ја погледнете овде:

Вебинар: Создавање идни генерации кои Македонија ќе ја направат пристојно место за живеење

Транскрипт од настанот

РАНО ДЕТСТВО

Ѓорѓи Марјановиќ е роден како седмо дете на Никола и Милосава Гостовиќ на 6 мај 1939 година во Стара Моравица, Војводина. Бил на возраст од само 6 месеци кога станал сирак. Татко му бил убиен а мајка му, кога го видела својот мртов сопруг, доживеала нервен слом поради што морала да биде хоспитализирана. Малиот Ѓорѓи извесен период бил задржан во градската болница во Суботица а подоцна, на возраст од 17 месеци бил даден на посвојување. Бил посвоен од Часлав и Рада Марјановиќ но немал среќа ниту во овој случај, бидејќи Часлав бил убиен од четници во 1942 г. во местото Придворица.

Рада, неговата посвоителка, подоцна се премажува и животот ги носи во Куманово каде што го татко ми го поминува своето детство сè до завршувањето на основното образование.

ЧИТАЊЕ И МУЗИКА

Клучни моменти во овој дел од неговиот живот се неговите први две љубови – книгата и класичната музика. Рада, посвоителката која јас си ја доживував како вистинска мајка, била особено посесивна и барала татко ми постојано да биде во нејзина близина. Единственото место каде што татко ми слободно можел да оди и да престојува била библиотеката, каде што ја нашол својата прва и најголема љубов, книгата. Токму книгата и читањето е она што него го има формирано како човек. Таа му помогнала да си ги прошири видиците, да ја развие имагинацијата, елоквентноста и била клучна за истражување на неговите интереси.

Втората љубов, класичната музика, ја запознава благодарение на радиото. Во тоа време во Куманово немало концертни дворани и единствен начин да ужива во музиката било благодарение на преносите на концертите преку радио брановите. Неговата фасцинација со оваа музика станува уште поголема по неговото доаѓање во Скопје, каде што го продолжил своето средно образование. Со доаѓањето во Скопје започнал редовно да присуствува на концерти на класична музика.

Овие две љубови, читањето и класичната музика се работи во кои тој уживаше до последниот ден од неговиот живот.

ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ

По завршувањето на средното образование, од почит кон човекот кој го посвоил, се запишал на студии во медицина каде што не поминал повеќе од еден семестар. На покана од една негова школска другарка присуствувал на предавање на правниот факултет во Скопје каде што открил дека правото е она со кое што всушност сакал да се занимава. Се префрлил веднаш на студии по право, ги завршува студиите и подоцна целата своја кариера ја поминува на правниот факултет во Скопје каде што предавал Кривично право.

ЃОРЃИ КАКО ПРОФЕСОР

Работејќи како професор, Ѓорѓи беше познат и почитуван по многу работи:

  • Изгради имиџ на непоткуплив професор кај кого не можеше да се положи со врски, дури и ако стануваше збор за син на претседателот.
  • Беше строг но правичен професор, омилен кај своите студенти дури и денес.
  • Беше неверојатен говорник на чии предавања амфитеатарот на правниот факултет секогаш беше преполн а на неговите предавања често доаѓаа студенти од други факултети.

ЃОРЃИ КАКО БОРЕЦ ЗА ДЕМОКРАТИЈА

Ѓорѓи е еден од најголемите борци за демократија која некогаш ги имала оваа земја.

Како професор по право, една од работите која особено го привлекувала било прашањето на политичките затвореници. Поради оваа тема тој и станал еден од најпознатите дисиденти во поранешна Југославија. Пред околу 40 години ја започна борбата за укинувањето на еден член од кривичниот закон познат како „вербален деликт“ кој тогашната власт го користеше за справување со неистомислениците. Како резултат на неговата борба, овој член од законот се укина и тоа доведе до раѓање на демократијата и формирање голем број политички партии,

Ѓорѓи беше основач и на првата политичка партија во Македонија, Лига за демократија чие мото беше Македонија, пристојно место за живеење.

Ѓорѓи беше непоткуплив како професор а таков остана и како политичар. Тој е веројатно единствениот политичар за кого не може да се најде ниту еден скандал или афера, нешто што во денешно време е практично секојдневие. Ова е најверојатно и една од неговите особини, клучна за за почитта која и ден-денес ја ужива во јавноста.

ПИСАТЕЛ

Љубовта кон книгата му помогна не само да стане елоквентен говорник, туку и да ја развие способноста за лесно и разбирливо пишување. Освен што беше автор на голем број научни трудови и неколку изданија на учебникот Кривично право, тој својата борба за укинување на вербалниот деликт, како што самиот вели, ја преживеал и забележал за потомството во книгата Стручен труд.

КОЛУМНИСТ

По формирањето на Лигата за демократија започнува да пишува колумни за дневниот весник Дневник и станува еден од најчитаните колумнисти. Во период од 1998 до 2006 напишал над 300 колумни кои подоцна како збирка беа издадени од нашата Фондација.

ЛИНГВИСТ

Освен кон книгата, Ѓорѓи имаше страст и кон јазиците. Тој со леснотија зборуваше англиски, француски, германски, есперанто, латински, српско-хрватски, а учеше дури и турски. Љубов имаше и кон македонскиот јазик а ја изразуваше не само со пишување туку и со лекторирање на трудови на своите колеги од правниот факултет.

ПРЕВЕДУВАЧ

Љубовта кон јазиците Ѓорѓи ја изразуваше и преку преведување. Тој во јавноста е познат и по тоа што на македонската читателска публика му го подари преводот на собраните дела на Марсел Пруст, еден од најголемите великани на француската книжевност. Освен делата на Пруст, Ѓорѓи има преведено и неколку други книги од францускиот и германскиот јазик.

ВИЗИЈАТА НА ЃОРЃИ

Ѓорѓи почина на 2 април минатата година, на возраст од 83 години но со него не умре неговата визија Македонија да стане пристојно место за живеење.

Фондацијата која го носи неговото име основана е со цел за да ја продолжи неговата борба Македонија да стане пристојно место за живеење но не како политичка партија туку како граѓанска, непрофитна организација.

КАКО ЌЕ ГО ОСТВАРИМЕ ТОА?

Во фондацијата веруваме дека на Македонија и’ се потребни вистински лидери кои ќе бидат двигатели на развојот на земјава. Со оглед на тоа што такви луѓе не се раѓаат туку се создаваат, една од клучните активности на фондацијата ќе биде Академијата на идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“ чија цел е да ги обликува младите, по урнекот на Ѓорѓи.

Имајќи го предвид сето досега кажано, подготвивме програма на академијата по чие завршување кандидатите:

  • ќе имаат развиена способност за јавен говор,
  • ќе стекнат вештина за дебатирање и способност за критичко размислување,
  • ќе се изградат во подобри личности преку усвојување универзално прифатени морални вредности,
  • ќе усвојат и практикуваат култура на учтиво однесување. и комуницирање.

Ова е долготраен, повеќегодишен процес кој започнува од најраното детство.

АКАДЕМИЈА ЗА ИДНИ ЛИДЕРИ

Програмата на академијата е составена од 4 целини: јавен говор, дебатирање, морал и бон-тон.


ЈАВЕН ГОВОР

Како што можевте да дознаете, она што Ѓорѓи го има формирано како личност се книгата и читањето, па затоа не е за зачудување што токму од тука ќе започнеме во обликувањето на вашите деца во идни лидери.

За да ги поттикнеме децата да читаат го организираме и натпреварот во раскажување прочитани книги, што како активност ќе им помогне, преку практикување на раскажувањето пред публика, да ги развиваат своите ораторски односно говорнички способности.

Денес тоа ќе им помогне на школо затоа што подоброто изразување ќе може да им донесе подобри оцени, а кога ќе пораснат ќе им биде од огромна важност кога ќе треба да зборуваат пред поголема публика.


ДЕБАТИРАЊЕ

За да станат добри во дебатирање како Ѓорѓи, децата ќе поминат и низ обука за дебата. Тоа ќе им помогне да ги развијат основните вештини за критичко размислување.

Дебатирањето ќе им помага за зголемување на самодовербата, ги развива способноста за аналитика, истражување и водење белешки, развива ефикасен говор и ја поттикнува тимската работа.


МОРАЛ

Ѓорѓи беше познат како високо морална личност, човек што ги почитуваше другите, беше грижлив, искрен, трудољубив, праведен….

Да се стекнат овие и многу други особини не е ниту лесно ниту брзо. Но, со оглед дека луѓето не се раѓаат со лоши особини туку таквите можат да ги стекнат во животот, од особена важност во формирањето на децата во добри луѓе за кои ќе се каже дека се морални, добри, воспитани, не-силеџиски, здрави, критички, успешни, одговорни или општествено прифатливи поединци е нивниот морален развој.

Моралниот развој е грижа на секој родител, но таа улога ја имаат и наставниците. Со цел да помогнеме во обликувањето на децата во луѓе со вакви вредности, со поддршка од родителите и во соработка со стручен тим од едукатори, децата ќе поминат низ серија работилници, прилагодени на возраста кои имаат за цел на обликувањето на клучните составни делови на карактерот.

БОН-ТОН

Последната компонента од академијата за идни лидери е школата за бон-тон, односно култура на однесување. Целта на оваа компонента од програмата е да им помогне на учесниците да научат како да се однесуваат на начин што ќе им донесе почит во очите на околината.

Тоа подразбира, но не се ограничува на:

  • однесување со други, вклучувајќи и постари
  • ракување и поздравување
  • основни манири при јадење
  • бон-тон за разговор – вештини за слушање и комуницирање
  • бон-тон на јавни места
  • бон-тон во виртуелен простор – е-пошта, виртуелни состаноци, социјални мрежи
  • бонтон за мобилни телефони во јавност
  • личен изглед

Имајќи го предвид сето ова, да се вратиме сега на натпреварот во раскажување и да се запознаеме малку подетално со правилата и условите.

Прашања на учесниците

По излагањето Александар одговараше на прашања од учесниците во врска со натпреварот.

П. Од кога ќе може натпреварувачите да почнат да ги поставуваат видео снимките?
О. Штом бидат подготвени видео инструкциите за начинот на поставување на видеата, натпреварувачите ќе добијат известување по е-пошта. Во меѓувреме, тие можат да започнат со останатите активности (читање, подготовка, снимање).

П. Дали е задолжително да се обезбедува публика пред која ќе се раскажува книгата?
О. Обезбедувањето публика не е задолжително но е исклучително важно затоа што тоа е најдобриот начин да се практикува јавниот говор. На тој начин се стекнува самодоверба и е најдобриот начин да се победи стравот од јавен настап кој вообичаено постои кај луѓето.

П. Дали е задолжително публиката да биде на иста возраст како и натпреварувачот?
О. Не. Во публиката може да се најдат и лица постари од натпреварувачот, на пример членови од семејството. Идеално е да се тоа врсници, но не е задолжителен услов.

П. Дали може да се прочита книга на англиски и да се раскаже на македонски?
О. Да. Не постои никакво ограничување на кој јазик ќе биде книгата која ќе ја прочитате. Она што е многу важно е раскажувањето односно јавниот настап да биде на македонски бидејќи тоа е јазикот на натпреварот. Натпреварувачите може да имаат мајчин јазик кој не е македонски но на натпреварот ќе мораат да настапуваат говорејќи на македонски.

П. Дали видеата се јавни бидејќи на нив ќе има и други деца.
О. Нема причина за загриженост бидејќи при снимање публиката ќе се снима од зад грб така што нема да биде познат идентитетот на децата кои ќе бидат поканети.

П. Академијата за идни лидери од кој момент им станува достапна на децата?
О. Со самото учество на натпреварот учесниците автоматски добиваат пристап на Академијата, започнувајќи го првиот дел, Јавен говор. За да го задржат тој статус потребно е континуирано да учествуваат на годишните натпревари, при што потребно е во текот на една година да читаат најмалку по 5-6 книги. Следната година добиваат пристап во некој од следните модули, при што максимално може да се учествува во 2 модула паралелно (на пример Јавен говор + Бон-тон или Јавен говор + Морал).

П. Дали е битно за која возраст е книгата?
О. Ако на детето му дадете книга која не е соодветна за неговата возраст, најверојатно е дека таа ќе му биде здодевна. Ако книгата е соодветна и интересна, тоа ќе ужива во читањето.

П. Колку минимум страници мора да има книгата?
О. Од децата сигурно нема да бараме да читаат книги како „Војна и мир“ од неколку стотини страници. Бројот на страници е нешто што зависи од издавачот. Со други зборови, нема ваков вид ограничување.

П. Дали мора да се снимаме или може само да напишеме текст?
О. Да, мора да се снимате и не, нема да прифатиме раскажани книги во писмена форма. Се натпреварувате во раскажување со цел да го вежбате јавниот говор а тоа не се прави никако поинаку освен со усмено раскажување.

П. Дали треба прво да се помине книгата за да се снима?
О. Да. Прво ќе ја прочитате книгата а потоа ќе ја раскажете на начин како што тоа е определен во правилата за натпреварот.

П. Како може да се најавиме на MyMentor за да му пристапиме на курсот за јавен говор?
О. По пријавувањето, на емаил адресите на натпреварувачот и неговиот родител или старател ќе бидат испратени инструкции за најавување и следни чекори. Особено е важно секој натпреварувач да има своја емаил адреса која ќе ја користи за најавување на платформата и пристап до курсот.

П. Дали видеата кои ќе ги снимаме мора да се објавуваат во Facebook групата на DIY академијата?
О. И да и не. Курсот за јавен говор е дел од детската DIY (направи-сам) академијата Еверест. Овие курсеви се така осмислени што секој учесник прво гледа кратки видео инструкции, потоа добива предизвик во кој треба да направи нешто слично како она што веќе го видел во видеото и потоа, резултатот од тоа што ќе го направи треба да го сподели со останатите членови на групата. Тоа ќе му помогне на ученикот да добие коментари од останатите во групата и да ги погледне трудовите на останатите, не само од курсот кој го следи во моментот туку и од останатите курсеви. Во курсот за јавен говор има неколку предизвици поврзани со снимање и тие треба да ги реализирате на начин како што е предвидено. Раскажаните книги не се објавуваат во оваа група туку на друго место, но за тоа ќе добиете дополнителни информации. Во Facebook групата на DIY академијата се објавуваат само снимките од предизвиците кои се дело од курсот за јавно говорење.

П. Дали објавувањето на снимките на социјалните мрежи е задолжително или има начин снимките само вам да ви ги доставиме?
О. Објавувањето на снимките на социјалните мрежи не е задолжително и, ако имате лични причини зошто тоа не сакате да го правите, ние нема да инсистираме на тоа. Сепак, треба да знаете дека со објавувањето на вашата снимка и предизвикувајќи ваши 3 пријатели помагате во ширењето на благородната идеја на популаризација на читањето, односно овој натпревар.

П. Дали е задолжително објавувањето на снимките на YouTube?
О. Да, тоа е задолжително. Но, не грижете се, YouTube нуди 3 различни можности за ограничувањето на тоа кој може да ги гледа видеата кои ќе ги објавите. Првиот начин е public (јавно), што значи дека видеото кое ќе го објавите ќе може секој да го види на YouTube. Вториот начин е unlisted и значи дека само тој кому што ќе му го пратите линкот ќе има пристап до видеото. Третиот начин е private односно само тој што го снимил видеото ќе може да го гледа. Вие во нашиот случај ќе го користите вториот начин, unlisted. Видеата кои ќе ни ги доставите ќе бидат видливи само на веб страната на фондацијата.

П. Во која категорија треба да се пријави ученикот кој штотуку завршил 5-то одделение?
О. Во случајот ученикот треба да се пријави во категорија 2 – ученици од 6 до 9-то одделение.

П. Кога ќе ни бидат доставени списоците на препорачана литература?
О. Во најкус можен рок. Очекуваме да ни бидат доставени списоци од некои издавачки куќи а потоа списоците ќе бидат објавени на нашата веб страница. Дополнително известување ќе добиете и по е-пошта.

П. Само проза треба да се раскажува?
О. Изборот е ваш и е целосно слободен. Изберете добра приказна во која ќе уживате во читањето и што ќе можете лесно да ја раскажете.