30.12.1999
Нешто пред распадот на СФРЈ во Македонија беше мошне актуелна аферата со осумте суспендирани млади полицајци (“осумтемина величенствени”, како што ги нарекуваа во печатот). Мене полицијата отсекогаш ме интересирала исто колку и ланскиот снег, така што навистина не знам што беше гревот на овие млади луѓе, поради кој ги беше суспендирал тогашниот министер за внатрешни работи. Повеќето од нив беа мои студенти и тоа, пред сѐ, беше причината што го послушав мојот тогашен пријател Димитар Димитров и, еден ден, појдов да поразговарам за нивниот случај со министерот Јован Трпеноски. Со г. Трпеновски, инаку, одржував срдечни (дури пријателски) односи уште пред да стане министер – беше мој колега и постдипломец на курсот по кривично право (оттаму и малу исколчената форма на нашето комуницирање: министерот мене ми се обраќаше на Вие, а јас нему на ти!). Појдов, значи, и му реков што сум чул за аферата: дека наводно младите полицајци ги суспендирал под силен политички притисок и дека за тоа длабоко жали. Реакцијата на министерот беше енергична: “Одлуката е, вели, моја, и воопшто не жалам што ја донесов, а кога ќе Ви ги кажам причините и Вие ќе се согласите!”. Еве во што била работата: полицијата, според него, не можела да функционира со двајца газди – од една страна, министерот, од друга страна, партијата!
Се разбира дека бев согласен со овој резон и тоа не го криев, ниту пак имаше потреба од тоа. “Ако е така, реков, а верувам дека е, ти советувам уште денес да донесеш две решенија: едното, со кое ќе ги повлечеш суспензиите, и другото, со кое ќе ги распуштиш четиринаесетте основни организации на СКМ во полицијата”. Министерот се насмеа, тропна весело по масичката пред нас и рече дека сум бил мошне радикален и дека тој тоа едноставно не може да го стори. Потоа, свртувајјќи го шеговито разговорот на друга тема, ме праша дали ќе му го оставам министерското место доколку на изборите победи (штотуку основаната) Лига за демократија. “Во принцип да, одговорив, но само доколку сега станеш член на Лигата!”.
И така Јово не ги врати веднаш суспендираните, но не ги распушти ни многубројните основни организации на СКМ и, се разбира, згреши (како и секој што не ги слуша советите на Лигата за демократија, впрочем): не минаа ни два месеца, а Анте Марковиќ донесе одлука за деполитизација на полицијата и г. Трпеновски мораше да постапи така. Да го стореше тоа кога му го советував, ќе си прибавеше имиџ на демократ и – веројатно – ќе си го зачуваше министерското место! Деполитизацијата на полицијата ќе се врзуваше за неговото име. Вака, тоа беше сторено по наредба одозгора и тој беше само извршител, а не јунак. Деновиве, кога сериозно ја обновуваме Лигата за демократија, еве, уште еднаш (јавно!) го повикувам мојот пријател Јово Трпеноски да нѝ се приклучи и конечно да прејдеме обајцата на ти. Притоа, ова не е гола куртоазија! Министерувајќи, г. Трпеновски покажа едно својство што е на висока цена во Лигата за демократија: како министер за внатрешни работи ниту еден единствен пат не нареди употреба на сила против народот! А тоа, ќе признаете, не е ситна работа!
Со неа, за жал, никако не може да се пофали еден друг бивш министер за внатрешни работи, мој некогашен студент и миленик (често духовит колумнист на страниците на овој ист весник). Кога еднаш, испровоциран од јавното полициско насилство, му се јавив по телефон за да му укажам дека е неразбирливо што “неговите” толку многу и толку јавно тепаат токму под неговото министерување, Љубомир ноншалантно одврати: “Нека вежбаат!”. Подоцна, пак под негова команда, полицајците вежбаа и во Ѓорче Петров и на Бит Пазар! Резултатите од нивните вежбовни активности се познати: Уставниот суд им даде за право на ѓорчепетровци, а на Бит Пазар, ако не се лажам имаше и неколку новопретставени (да не речам грубо: убиени!).
Кога сум веќе кај бившите министри за внатрешни работи наеднаш се сетив дека еден од “осумтемина величенствени”, пак г. Павле Трајанов, лошо помина и со д-р Данаилов Фрчковски (со кого одвај некако си ги поправив односите на неодамнешниот ручек што деканот на Правниот факултет во Скопје традиционално го приредува по повод Новата година!): и тој го стави човеков на мраз само затоа што јавно кажа нешто што го знаеја и птичките на гранките – дека во земјава има организиран криминал, кој досегнал до највисоки места во владата (ако не се лажам). Но, за разлика од Јово Трпеновски, кој никогаш и со ништо не ги навреди суспендираните полицајци, мојот софистициран колега отиде толку далеку што не му го споменуваше ни името на “замрзнатиот” г. Трајанов, туку зборуваше за него како за “дотичниот чиновник” (србизмот е негов!). Сетне, кога г. Црвенковски, во својство на премиер, го призна постоењето на “октоподот”, јас пак јавно побарав тој да го врати човекот на старото (помошничко) место! Само, кога пак власта послушала нешто што доаѓало од Лигата за демократија? Никогаш! Резултат од тоа пропуштање на Црвенковски беше појавата на г. Трајанов на чело на министерството за внатрешни работи во претходната влада.
Сево ова ми мина низ сеќавањето деновиве кога нашиот премиер донесе одлука со која практично ја враќа полицијата на дереџето од СКМ: на местото од еден професионалец par excellence става една дама што за полицијата знае исто колку и Алиса за земјата на чудата. Да се разбереме, немам ништо лично против споменатата госпоѓа, но, и мене (како и на големиот Јохан Волфганг фон Гете) ми се мачи од стари почетници! Она од што уште повеќе ми се мачи се мотивите поради кои е направен овој пресврт: на секој што се сеќава на почетоците на плурализмот (и грабањето на ДПМНЕ по министерството за внатрешни работи) му е јасно како бел ден дека со тоа оваа партија го остварува својот сон да ги контролира контролорите на мирот и поредокот во земјата. За да има одврзани раце во упадите по фирмите и апсењето на директорите, што во последно време стана малу презачестена практика.
Само, да внимаваат благонадежните ни управители! И без вакви мајстории Македонија е за никаде во очите на старата дама, на која толку сака да ѝ се приближи. Мајсторииве веројатно ќе му помогнат на ДПМНЕ да се отараси (можеби и со полно право) од еден грст политички душмани и матни деловни креатури, но, со постапките како онаа во Велес, особено со нежниот однос спрема “рекетарите” со камери и микрофони (Кумановци би рекле: “Господи, дај ги памет или извади им га и оној малце што га имав!”), нема теорија да ни ги зголемат шансите да влеземе во Европа. Тоа сигурно! Инаку, колку што ме разжести оваа дунстерска смена, толку ме исполни со задоволство достојниот за почит став на г. Трајанов по никоја цена да не прифати да влезе во членство на благонадежната ни партија на власт за да стане уште еден војник на партијата.
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.