Либералното и слободно мислење како основа на секоја наука истовремено една од најимпресивните кариери на Правниот Факултет на Универзитетот Кирил и Методиј
Напишано од Љубомир Д. Фрчкоски, професор по меѓународно право, поранешен министер за внатрешни и надворешни работи
Со професорот Ѓорѓи Марјановиќ се запознав на вистинскиот начин чинам, полагајќи кај него Кривично право општ дел. Јас го знаев предметот учејки го во детал и во учење од тој вид секогаш ви се појавува ликот на професорот пред кој ќе полагате, никогаш учењето не е безлично на некој начин. Бев некако подготвен за него и беше добро, беше мошне добро. Ја добив една од најчистите десетки, расправавме на десетина прашања, го интересираше резонот на студентот не само одговорот и мислам дека од тој момент натаму го здобив респектот од професорот кој ми значеше да го имам. Тој взаемен респект продолжи до крајот на неговото јавно дејствување. Ѓорѓи се јавил во студентски прашања да бара инфо дали сум дипломирал да ми предложи (што претходно многупати ми најавуваше) асистентско место на катедрата за кривично право. Беше малку разочаран кога ја избрав онаа на Меѓународно право (а имав можност да бирам колку и да се чини тоа арогантно од денешен аспект, така се погоди), но брзо го поминавме тој јаз со неговиот став: не е важно каде си, важно е да си на Правен, со него во она што секогаш го имавме како поттекст на секој муабет – слободата на мислата во науката и политиката (како и да завртите тоа секогаш беше тема) и критика на еднопартискиот систем на „социјализмот со човечко лице“, неговите ортодоксни испрдоци на Македоката партиска сцена и меѓу професорите на Правен, посебно.
На Правниот факултет како ресорт за избор на политички кадри во социјализмот, имаше две струи и едно големо молчаливо мнозинство кое се приклонуваше најчесто кон моќта, партиските чистки и глупости пуштени на најјако на Правен. Една традиција на либерална струја (Милосавлевски, Чокрески, Нетков…. најистурено и најасно либерално стојалиште), потоа либерално молчаливо присуство на Арнаудовски и учените ликовите како Наум Гризо, Стрезо Стрезовски и помладата генерација на Денко, Владо, Јане, Лазе и Градишки и потоа некои најмлади во тоа време, но тоа се веќе други времиња во кои и јас се сместувам, во овој момент ќе ги прескокнам.
Ѓорѓи Марјановиќ беше некоја генерација помеѓу, но најжесток и во област која беше исклучиво конзервативна и репресивна (кривично право), која беше чекан на репресијата на Партијата. Област полна со (дури и помлади од него) ортодокси и партиски „маши“ кои беа спремни (како што ќе се види подоцна) да ги “егзекутираат“ своите поумни, похрабри и постари колеги за каузата на партијата и својата лична кариера.
Во тие борби на Правен сите учествувавме, некои од нас се гордеат со тоа, некои молчат и се срамат, рационализираат со својата улога и гласање на Наставничките совети кога му се судеше на Ѓорѓи за неговите научни ставови за делото на „вербалниот деликт“ и кога му се изрекуваа партиски казни. Тие се влечеа по нив и дури кога јас дојдов за (што ми стана?) шеф на партиската организација на Правен и која ја распуштив во мојот краток мандат – казните на Ѓорѓи, Чокре, Милосавлески и Нетков беа поништени. Некои од нив со право се шегуваа со тие задоцнети симболични мерки, но колку да се знае.
Судирот на Ѓорѓи со ортодоксијата на Правен не беше во научната аргументација за укинување на делото вербален деликт, за кое секако Ѓорги имаше право и беше супериорен (кое се укина од вечниот реформатор на кривичното право во Македонија, ортодоксот и партиската маша, негов колега во една од безбројните реформи пет-шест години подоцна, откога истиот лик за иста тема го егзекутира претходно својот колега на Наставничкиот Совет на Правен). Имено аурата, жестокоста на судирот, револтот на ортодоксијата кон Ѓорѓи не беше за тоа пред се. Тоа беше тригер… судирот беше со неговата одлука, воља и храборст да се бори за елиминација на партиските – политички мешања во науката и научните ригори. Дрскоста да се спротистави на кохортата јадни ликови кои умислуваа дека со ударот кон него имаат некаква моќ, што ли да е тоа , беше тажна за гледање и преживување. Нивното прчење, солење памет, обид да најдат аргументи против Ѓорѓи и посебно и над сè бесот и омразата кон него: како тоа тој може да НЕ СЕ ПОКОРИ на нивните партиски, а кобајаги научни авторитети – беше центар на судирот. Ортодоксните мислеа и се плашеа дека со еден таков глас против, кој евентуално ќе победи, нивната кула од партиски карти ќе се сруши – како што всушност се сруши набргу.
Неверојатен запенавен бес сведочевме од Габер, Сава, Шкарич, Камбо, Митков, Картов, Хаџивасилев, Марина – во директен напад на Ѓорѓи, а се користеше квази научното пледоаје изложено од Камбо.
Но следната група на молчаливо мнозинство до коски исплашена од партискиот пир против Ѓорѓи беше чудно бесна на него: зошто тој не се покорува и повлекува. Зошто, замислете, ги става во улога, ги изложува да гласаат против него и за партиската казна за него. Бесни одвнатре зошто Ѓорѓи прави нешто што тие никогаш не можеле ниту се усудувале: да се спротистават на партиската узурпација на правната наука и престравени од етичкиот став кој Ѓорги го промовира со својот гест на спротивставување – етички гест со вистинската револуционерна сила на вистината низ науката.
Тоа беше „крвопролевање“ масакр на ништите духом, на кое сум присуствувал во живо, а чии лица подоцна секојдневно гледав низ кулоарите на Правен.
Парезија на Правен, парезија на Универзитетот, парезија во општеството: Паресија во слободата на изразување значи сила и знаење да се зборува вистината, должност да се зборува вистината и храброст да се издржат сите консеквенци од зборувањето вистина.
На неговите последни предавања на Collège de France (1970-1984) Мишел Фуко, зборува за parrhesia. Поимот парезија го дефинира како „храброст за вистинитост кај личноста која зборува, и независно и наспроти се’ го презема ризикот за говорење на целата вистина што се содржи во неговата мисла; истовремено бивајќи и самата храброст на соговорникот – при можното согласување со болната вистина што ја слуша“. Ако етичкиот чин на проф. Марјановиќ, силно здружен со прогресивна научна мисла и тоа во област на правото која е ригидна и тврда – кривичното право, го поместиме кон горливо вистиноговорење или парезија, зарем не изгледа како Ѓорѓи да ги изборел идните борби на нашата современа демократија, во која токму слободата на изразување, критичката научна мисла и волјата или подобро – храброста за вистината се премиси за опстојба на плуралниот свет?
Тоа го стори Ѓорѓи Марјановиќ на Правен во својата област на правото во деновите на хајката по него. Тој се изложи и ги издржа сите притисоци кон себе (па и семејството) за тоа. Тоа е архимедовата точка на која се потпира слободата на изразување како фундаментално право во демократијата и либералните општества. На таа точка се потпира уставната клаузула за автономија на Универзитетот како можност да се создаде окружување во кое може да се зборува вистината и со тоа да се создадат сите шанси општеството да напредува во демократија. Тоа е заслугата на борбата на Ѓ. Марјановиќ, неговата жртва!
Можам да си дозволам да се самокритикувам во оваа точка. Мислам дека можев предметот Слобода на изразување кој го создадов и предавав и лекцијата за Парезијата кај Фуко, да ја почнам со предавање за борбата и значењето на „случајот Марјановиќ“ за самосвеста на Правен и неговата вистинска историја за борба за демократијата.
Њујорк, 27.07.2023