За Ѓорѓи Марјановиќ (субјективно и објективно, едновремено)
Напишано од Владимир Кандикјан, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во пензија
Кога далечната 1979 година се вработив на Правниот факултет во Скопје, имињата на двајца професори особено често се споменуваа, како од страна на студентите, така и од страна на вработените. За нив се говореше со посебен респект и пиетет, како за вистински бардови на својата професија, како за наставници со огромна ерудиција, со високи морални и човечки вредности, но и со впечатлива скромност и едноставност. Но, најмногу од сè, се раскажуваше за нивните маестрални предавања, кои секогаш биле максимално посетени, не само од студентите на Правниот факултет, туку и од студенти од целиот Универзитет. Првиот беше професорот по римско право Иво Пухан, а вториот професорот по кривично право Ѓорѓи Марјановиќ. За жал, Професорот Иво Пухан немав можност лично да го запознам. Професорот Ѓорѓи Марјановиќ, не само што имав привилегија да го запознам, туку бев во можност често да комуницирам и да дискутирам со него на најразлични теми и во разни пригоди.
За разлика од неговите студенти, мојата прва средба со Професорот Марјановиќ не се оствари ниту во амфитеатар, ниту во предавална, ниту пак, во просторијата каде што се одржуваа седниците на Наставно-научниот совет, бидејќи според тогашните правила членови на ННС беа наставниците и по некој претставник од студентите и асистентите, но не и од помладите асистенти, како што тогаш се нарекуваше почетното соработничко звање. Можноста прв пат да го запознам Професорот Марјановиќ, се оствари во неговата најомилена просторија на Правниот факултет – библиотеката, во која немаше ден а да не се појави барем на кратко, за да остави некоја прочитана книга, да го прелиста дневниот печат или да консултира некој од, во тоа време, навистина импозантниот број од повеќе од сто и шеесет странски часописи и околу стотина југословенски списанија, часописи и дневни весници.
Средбата, иако се случи пред повеќе од четири децении, за мене беше толку впечатлива, што ми се чини дека се случила неодамна. Се наоѓав во читалната на Факултетот, една многу мирна просторија, во која странично се наоѓаа распоредени повеќе ормани со полици за книги, каде беа изложени најновите броеви од огромниот број домашни и странски списанија и часописи, консултирајќи дел од десетината реномирани странски списанија од доменот на економските науки, кога во неа се појави еден претставителен, харизматичен, релативно млад професор кој под мишка носеше грст книги и неколку списанија. Откако разбра дека сум еден од тројцата штотуку примени помлади асистентни, со неговиот карактеристичен, ѕвонлив и помалку рапав (а ла Род Стјуарт) глас ми посака искрено добродојде, многу задоволства и успех во една од најмакотрпните, но, и една од најблагородните професии – професорската.
Иако, се среќававме за прв пат, некако спонтано се разви еден многу жив, искрен и пријателски муабет на најразлични теми. Уште од првиот разговор со професорот Марјановиќ можев да ја забележам неговата особена ерудиција, способност за сликовито изразување, логично, речиси математичко размислување, убедливост во неговата аргументација, но и една специфична детска љубопитност и спонтаност. Иако не веруваше во тоа дека луѓето може да учат од туѓите искуства, сепак, без каква и да е доза на претенциозност, туку, напротив, со извесна доза на скромност знаеше на помладите колеги од себе да им подели и по некој искрен, добронамерен и корисен совет. Советот што ми го даде при нашата прва средба беше, на професорската кариера да не ѝ се приоѓа како на спринт, туку како на маратон. Разговорот, веројатно ќе навлезеше и во својот втор час, доколку, стрелките на часовникот не го потсетеа Професорот Марјановиќ дека за неколку минути му почнува нему најомилената и најинспиративна активност на факултетот – предавањата.
Од тој декември 1979 година, па сè до година дена пред неговото трајно заминување, со Професорот Марјановиќ сме се среќавале многу пати, разбирливо, најчесто на Правниот факултет, но, и надвор од него: во нивната „резиденција“ (доградената барака) во „елитната“ (како што самиот со доза на суптилна иронија ја нарекуваше) населба Синѓелиќ (денес Ченто), на некој концерт на класична музика, а последните неколку години, на кејот покрај Вардар во населбата Аеродром, каде заедно со својата сопруга редовно пешачеа. Благодарение токму на овие дружења, имав можност да запознам и некои помалку познати, повеќе приватни аспекти на неговата личност: да го запознам Ѓорѓи како човек.
Професорот Ѓорѓи Марјановиќ беше човек кој ги сакаше луѓето. Сакаше да се дружи со нив, да разговара со нив, да ги запознава нивните животни судбини и патишта, преку што, на некој начин, подобро се запознаваше и самиот себе си. Наспроти, злонамерното етикетирање за некаков си елитизам, Професорот Марјановиќ знаеше и сакаше да разговара со еднакво внимание и почитување буквално со секого: со хигиеничарките, (кои некогаш се нарекуваа чистачки, но беа далеку повеќе почитувани како луѓе отколку денес), со вработените во бифето, со книжничарите и библиотекарките, со чуварите. Знаеше понекогаш да појде во просторијата на чуварот, чичко Муарем, и густирајќи топол турски чај со часови да ги слуша неговите кажувања за старото Скопје и, особено, за занаетите, за животот и правилата на игра кои владееле некогаш во турската чаршија. Но, се разбира, најмногу од сè, сакаше да разговара со своите студенти кои за него беа главната инспирација за предавањата за паметење.
Веројатно, затоа што неговата лична судбина воопшто не му била наклонета и единствено благодарение на огромната верба во себе и во исправноста на патот што го избрал, на трудољубивоста и на посветеноста успеал да изгради респектабилна научна и професорска кариера, тој со задоволство и несебично им помагаше на луѓето. Тоа, најдобро го знаат неговите помлади и најблиски соработници, како на пример, Методија Каневче и Гордан Калајџиев. Благодарение на неговата репутација, но и на беневолентните препораки, повеќе помлади колеги, меѓу кои и потписникот на овие редови, остварија двоенеделни и тронеделни престои на реномираниот Салцбуршки семинар, посветени на најразлични економски, политички, социолошки или правни теми. Исто така, со задоволство им даваше стручна помош на многу познати, помалку познати или непознати лица и граѓани. За тоа, тој никогаш ниту барал, ниту очекувал каква и да е благодарност. За него најголема сатисфакција беше кога неговиот совет или помош ќе вродеше со плод и ќе дадеше конкретен резултат.
Стремежот за постојано усовршување и перфекционизам кај Професорот Марјановиќ, не се огледаше само во сферата на неговата потесна специјалност – кривичното право, по што беше познат и надвор од границите на својата земја, туку безмалку во секоја активност на која ѝ приоѓаше. Познато е дека Професорот Марјановиќ говореше повеќе странски јазици. Најдобро, речиси како мајчиниот јазик, го познаваше германскиот, а покрај него и англискиот, францускиот, се разбира, српскиот, но и турскиот. Помалку е познато, дека францускиот и турскиот, на пример, ги научил како автодидакт. За воља на вистината, во совладувањето на турскиот јазик имаше и одредена помош од книжничарот Ердо со кого го проверуваше напредокот во изучување на јазикот за време на чај – паузите, при редовното повеќечасовно консултирање на книги и списанија во читалната на факултетот. За леснотијата со која Професорот Марјановиќ ги совладуваше странските јазици, најдобро говори неговиот коментар дека она што Професорот го научил за само шест месеци некому не би му биле доволни ниту шест години.
Професорот Марјановиќ беше неверојатно храбар човек кој ги сакаше предизвиците. Не само затоа што се осмели да отвори една табу тема каква што своевремено беше вербалниот деликт и бескомпромисно да се бори за негово укинување, туку и затоа што се нафаќаше за ангажмани кои се надвор од неговата суверена територија на владеење, каков што беше преводот на македонски јазик на едно од најкомплексните и најсуптилните дела не само во француската, туку, според многумина познавачи, и во светска литература, Прустовиот повеќе-томен роман „Во потрага по загубеното време“. Како што своевремено за препевот на дел од француската еротска поезија од страна на Данило Киш, насловен како „Бордел муза“, некои српски професори по книжевност и одлични познавачи на францускиот јазик, имајќи го предвид совршенството на препевот, си го поставуваа прашањето кој е оригиналот, а кој преводот, така и за совршеноста и успешноста на преводот на Прустовиот роман од страна на Професорот Марјановиќ, слични коментари споделуваа и наши книжевници-франкофони. За оние кои го познаваа односот на Професорот Марјановиќ кон македонскиот јазик, неговиот долгогодишен ангажман како лектор на сите текстови кои се објавуваа во некогаш респектабилната редовна публикација – Годишникот на Правниот факултет, за оние кои ја знаеа љубовта на Професорот Марјановиќ кон книжевноста воопшто, а особено кон француската, за оние кои знаеа со каков ентузијазам и посветеност, па дури и со доза на опсесивност, му приоѓаше на преводот на Прустовиот роман, пофалбите и признанијата за беспрекорниот финален производ беа сосема нормални и очекувани.
Како што тоа обично бидува со луѓето кои се пред своето време, кои со своите квалитети отскокнуваат од другите, не секогаш ги добиваат признанијата кои објективно ги заслужуваат. Таков беше случајот и со Професорот Ѓорѓи Марјановиќ. Во 1778 година, на бистата на Жан Батист Поклен, попознат како Молиер, поставена во Француската академија, биле напишани зборовите „Ништо не ѝ недостасува на неговата слава, тој ѝ недостасуваше на нашата“. Имајќи предвид дека Професорот Марјановиќ никогаш не беше избран за член на нашата највисока научна институција, повеќемина добронамерни академици, во моменти на искреност, слично, како и во случајот со Молиер, прокоментирале дека тој, несомнено, многу би придонел за нејзината слава и репутација.
Last but not least, веројатно најголемата доблест на Професорот Марјановиќ беше целосната хармонија, склад, совпаѓање меѓу она што го говореше, пишуваше, се залагаше и начинот на кој што се однесуваше, постапуваше, на кој што живееше. Секој од нас има свое видување за тоа колку со своите професионални, политички и секакви други ангажмани тој успеа од Македонија да направи пристојно место за живеење. Но, едно е повеќе од сигурно, доколку, секој од нас во рамки на својата професија и во своето секојдневие се однесува онака, како што тоа го правеше целиот свој живот Професорот Марјановиќ тогаш Македонија би била многу попристојно место за живење, отколку што е денес.
Драг Ѓорѓи, за патоказите и за „знаковите покрај патот“ (Иво Андриќ) што ни ги остави, едно големо и искрено БЛАГОДАРАМ.
01.08.2023
Владимир Кандикјан