Ѓорѓи Марјановиќ
напишано од Денко Малески, македонски политички аналитичар, прв министер за надворешни работи на Македонија и редовен професор на Правниот факултет во Скопје
Замина еден прекрасен ум. Замина Ѓорѓе Марјановиќ. Мојата прва средба со него се случи во необични околности. Бранот на студентски протести во светот, таа 1968 година, кој почна од Калифорнија, се префрли на Источниот брег на САД, па потоа во Европа на улиците на Париз и универзитетот во Белград, некако се проби и до Скопје. Во просториите на Педагошката академија, каде што беше сместен Правниот факултет, организиравме собир на студенти и наставници. Понесени од глобалната еуфорија против секаква власт, ние скопските студенти не знаев точно што сакаме ама тоа го сакавме веднаш.
Мојот егзалтиран говор за Универзитетот како некакво „острово на самоволие во морето на самоуправувањето“ беше дочекано од младиот асистент Ѓорѓе Марјановиќ со зборовите дека освен за фудбал, малку што има да разговара со студентите и дека нивната основна задача е да учат за да имаат и што да кажат. За тоа беше во право, иако, како што кажува неговата биографија и самиот го поседуваше тој силен инстинкт на слободата. Потоа станавме колеги во еден „феудален“ систем во кој секој беше газда на својата научна и педагошка област. Она реткото што нè обединуваше беше токму Ѓорѓе Марјановиќ, лекторот на сите текстови што ги сочинуваа годишниците на Правниот факултет. Грижата и љубовта кон македонскиот јазик ја искажуваше во секоја пригода со посветеност рамна на фанатизам. „Така што“, а не „така да“, ќе повторуваше исправајќи ги соговорниците.
Некаде на почетокот од осумдесеттите, губејќи контакт со домашните и со меѓународните реалности и нужните промени што тие ги налагаа, атмосферата во партијата, со длабоката старост на нејзиниот водач Тито, дегенерираше до таква мерка, што луѓето си играа мајтап при избор на раководни лица. Читањето некакви полуписмени материјали што доаѓаа „одозгора“ предизвикуваше потсмев кај тие што требаа да знаат повеќе и подобро. Смеата траеше сè до моментот кога партиската организација на градот Скопје не реши, на стариот начин, да ја испроба својата сила. После Славко Милосавлевски, во седумдесеттите, да се пресмета со уште еден професор, Ѓорѓе Марјановиќ, кој напиша текст против вербалниот деликт. Свежите ветришта на демократијата што задуваа од северот на Југославија, допреа до Македонија и ме натераа да се пошегувам дека е вистинска среќа што не живееме во држава само на Македонци и Албанци.
Но, власта во Македонија сакаше уште еднаш да демонстрира дека сè уште може да ги контролира луѓето иако нејзината моќ беше веќе на заоѓање, па, така омалена, само произведе една карикатурална имитација на настаните од седумдесеттите. Значи, овој пат Факултетот можеше да одолее на притисокот на политиката врз науката со сосема малку отпор. А, сепак, тоа не се случи. Напротив. На Правниот факултет одново се создаде атмосфера на лов на човек, кој создава силна возбуда кај потенцијалните учесници во ловот и гледачите. Понекогаш ми се чинеше дека таа возбуда беше замена за интелектуалната дебата на луѓе што живеат во демократија и слобода. Ревносни професори, колеги на професорот Марјановиќ, ја обезбедија енергијата и аргументацијата што му недостасуваше на градскиот комитет на партијата, во борба против најновото „идејно застранување“.
Лекцијата научена од искуството со професорот Славко Милосавлевски, пак, беше дека најбезболно е жртвата веднаш да се принесе на олтарот на партијата, а пожелно за личната кариера беше да се биде во првите редови. Ева (еден од омилените изрази на Марјановиќ) , комунистичката партија што веќе беше на умирање, едноставно немаше сила да се справи со жртвата. Професорот Марјановиќ, по серија понижувачки партиски состаноци, распаметен ја напушти салата и партијата.
Но, се случи тоа што беше невозможно само петнаесетина години порано – ја задржа својата професура. Власта, веќе, не му можеше ништо. Тркалото на историјата веќе се беше свртело кон поголема слобода во Словенија и Хрватска и ја повлече и Македонија.
Професорот Ѓорѓе Марјановиќ стана и остана симбол на слободната мисла во Македонија и низ активностите на првата партија формирана во услови на демократија, Лигата за демократија. Потоа, тивко замина во пензија. Неговите критичари останаа тоа што секогаш биле и во услови на партиски плурализам и слобода, за која се избори Марјановиќ. Имено, тие се искачија уште погоре по скалилата на државната и научната хиерархија во независна Македонија. Зошто? Затоа што Марјановиќ никогаш не беше учесник во нивната игра на интриги и борба за моќ.