Search
Close this search box.

Петар Гошев

In memoriam Ѓорѓи Марјановиќ

Напишано од Петар Гошев, македонски политичар, поранешен министер за финансии и гувернер на Народната банка на Македонија

Не ми успева(ше) да ги пропуштам само датумите на двата имендени: Петровден, заради себеси и Ѓурѓовден, откако почнавме да се дружиме со професорот Марјановиќ и со неговата неверојатно внимателна, бистра, грижлива и храбра Мирјана. За сите други имендени, мислата бесполезно ми доаѓаше или пред денот или откако ќе поминеше, доколку мајка ми или мојата сопруга не ме потсетеа во вистинскиот момент. Педантен, каков што беше и во пишувањето, секоја година, на истиот ден, на почетокот на нашето пријателство ќе ми заѕвонеше на домашниот телефон, а подоцна и на ѕвончето на домашната врата. Обично пред полноќ, зашто пред тоа требало да му искаже почит на некој друг Петар, велејќи ми: „Ти си за крајот, зашто може да останеме до почетокот на новиот ден“. Па така, и јас бев должен, возвратно (со огромно задоволство) да бидам педантен кон неговиот Ѓурѓовден. Уште во текот на 80-те знаев дека ќе се случи нашата соработка и нашето пријателство, зашто ништо од тоа што брутално директно, искрено и прецизно ќе го изјавеше или ќе го напишеше за состојбите во Југославија и конкретно за Македонија, не ми изгледаше неточно и претерано.

Сеедно што јас, од мај 1986-та, веќе бев член на Претседателството на ЦКСКМ, партијата која веќе поодамна го беше исклучила од нејзините редови, чин за кој потоа ми велеше дека ѝ е многу благодарен. И, чудно, не затоа што не ги делел нејзините декларативни вредности туку зашто, како што подоцна ми објаснуваше, „самата си ги погазувала на секој чекор“. Беше помеѓу првите кои опасноста за Југославија ја препознаа во ликот и делото на Слободан Милошевиќ, најголемиот виновник за подоцнежните колежи на просторот на таа држава и еден од ретките во Македонија што не беше маскиран противник на едноумната политичка матрица. И, не случајно, тој ја формираше првата партија, Лигата за демократија, конкурент на СКМ (СКМ-ПДП), во момент кога јас ја минував првата година како претседател токму на партијата што го исклучила од своите редови. Кога го отворивме процесот на повеќепартиски натпревар и кога се наближуваа првите повеќепартиски избори, неговата партија за мене беше првата, можеби и единствената, со која сакав да бидеме во предизборна коалиција. Но, на таквото прашање од новинарите, Ѓорѓи, без завиткување, како за сè друго, изјавуваше: „Нам Гошев не ни пречи, напротив, ни пречи Сојузот на комунистите. Тоа е нашиот прв душман“. Подоцна, откако се случи јас да се одвојам од неговиот „прв душман“ и ја формирав Демократската партија, на првата средба потоа, ми рече: „Сега се исполнети сите услови да работиме заедно ‘Македонија да стане пристојно место за живеење’“. Па, така, станавме сопартијци во рамките на Демократската партија.

Општо место е да се каже дека Ѓорѓи беше исклучителен, редок интелектуалец, антипод на оние поради кои се напишани многу книги, текстови со наслови какви што се „Предавството на интелектуалците“, или со друг сличен прекор. Немаше синекура за која тој беше подготвен да жртвува ронка од своите професионални и вкупни вредносни судови. Колку лично и семејно да го чинело тоа. Иако, за него знаев прилично многу, бидејќи беше помеѓу оние од кои читав сè што ќе напишеа или ќе изјавеа, подобро го запознав преку долгите разговори за време на нашите вечерни седенки и од дискусиите на состаноците. Но, за каква подвижна библиотека, за каква двоножна енциклопедија се работи, имав посебна прилика да се уверам кога отпатувавме во Стразбур, на средби со судии и раководни лица од Европскиот суд за човекови права. Повод беше одбиената иницијатива од македонскиот Парламент и Уставниот суд со која, како опозиција, врз основа на 150 илјади потписи од граѓани баравме да се распише референдум на кој граѓаните на Македонија ќе се изјаснат дали се за предвремени избори или не. На средбите со Германци, зборуваше германски, како да му е мајчин јазик. Таму, пак, каде што соговорниците беа Французи, или од англиското говорно подрачје, зборуваше на нивните јазици. Соговорниците франкофони отворено ја искажуваа нивната фасцинираност за леснотијата, прецизноста и распеаноста со која го говори нивниот јазик, а тој пак ги „патосираше“ со информацијата до каде, до тој момент, стигнал во преведувањето на делата на Пруст. Од очите им се читаше фасцинација од неговото знаење, од гарнирањето на објаснувањата со латинските синтагми, познавањето на судската практика на Судот во Стразбур.

Но, човекот што со своето стручно знаење, со својата ерудиција, со професионалната и човечка чесност, восхитуваше високоумни луѓе од светот, не беше поддржан од сопствената држава да стане член на Судот во Стразбур. И, никогаш не му беше понудено да биде член на Уставниот суд на Република Македонија, зашто се гадеше од „луѓе говеда“ што се движат само по браздата по која ги збоднува орачот. Со децении таму се редеа разни недостојници, ја девалвираа институцијата, ја брукаа(т) правната професија, но за Човечиште како него, ни таму немаше место. Велат, „жестоките“ момци од подземјето живеат од недостигот од докази, а мнозинството државни функционери во Македонија, живеат од недостигот од критериуми. Или, можеби, токму поради критериумите соодветни за „жестоките“ момци и нивната измешаност со државните функционери.

Драг Ѓорѓи, Македонија не стана подобро место за живеење, како што Ти сонуваше. Не зашто Ти не правеше доволно, туку зашто малкумина се од Твојот ков. Нема изгледи ниту во иднина да стане тоа, од истата причина: недостиг од докази и критериуми. Но, Ти можеш да почиваш во мир, зашто има многу луѓе што никогаш нема те да заборават поради тоа што го правеше и начинот на кој го правеше.

Нека Ти е вечна слава, драг Ѓорѓи!

Петар Гошев