проф. д-р Методија Каневче

Како негов студент, а потоа асистент и долгогодишен соработник, проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ засекогаш ќе го паметам по неколку нешта: како брилијантен интелектуалец, извонреден професор и правен писател, реформатор, општественик, дисидент, полиглот, преведувач и како неверојатно честит човек.

Професорот Марјановиќ беше не само врвен професор по право, туку и интелектуалец par excellence, ерудит со извонредно широк дијапазон на интереси (филозофијата на правото, книжевноста, класичната музика, хералдиката…). Еден од постарите професори (проф. д-р Миле Хаџи Василев) за него велеше: „…при секоја средба со Ѓорѓи дознавам нешто ново.“

Маестралните предавања на проф. Марјановиќ беа вистинско доживување, па затоа предавалните (на стариот Правен факултет) и амфитеатрите (на новиот Факултет) секогаш беа преполни. Тој со неверојатна леснотија успеваше да им ги направи податливи за разбирање на младите (дваесетгодишни) студенти и најкомплицираните кривичноправни институти, илустрирајќи ги со соодветни примери не само од судската практика, туку и од секојдневниот живот. На испитите беше строг, но правичен. Од студентите бараше да не го „бубаат“ кривичното право напамет, туку да настојуваат да ја разберат неговата суштина, смислата и целта. Токму затоа, многупати се случуваше некој студент што го „пееше“ кривичното право да не положи, зашто професорот ќе проценеше дека не успеал да го разбере.

Во сите негови научни трудови (како и во неговиот учебник) негуваше оригинален стил на пишување (со белетристичка нишка), така што ригидната и сувопарна кривичноправна материја ја правеше лесно разбирлива и интересна за студентите (неговите „…задолжителни читатели…“, како што велеше). Исто така, тој важеше за најдобриот познавач на македонскиот литературен јазик меѓу правниците (особено на пишаниот, зашто во говорниот, многупати, заради сликовитост, употребуваше некои кумановски изрази и поговорки). Со неверојатна посветеност се залагаше за правилната употреба на македонскиот јазик, така што сите негови дела се пишувани на совршен литературен македонски јазик. Токму затоа, јазичната лектура на речиси сите трудови што ги објавуваа наставниците во списанијата издавани на Правниот факултет, наместо на професионални лектори, му беше доверувана нему.

Тој одлично владееше (ги говореше и пишуваше) неколку странски јазици: германски, француски, англиски, руски, турски… Првите два ги познаваше речиси исто како македонскиот. Тоа му овозможи да преведува не само дела од неговата област („Криминологијата“ на Гинтер Кајзер, „Филозофијата на правото“ на Густав Радбрух, од германски), туку и литературни и други дела (комплексниот повеќетомен роман на Марсел Пруст, од француски јазик, некои дела на Стефан Цвајг, Карл Маркс, од германски итн.).

Неговите експлицитни и упорни заложби (кои вродија со плод) за укинување на вербалниот деликт од југословенскиот Кривичен законик (особено на фамозниот чл. 133 од КЗ, кој тогашната партиска номенклатура неретко го ползуваше како инструмент за справување со нејзините политички опоненти) беа своевидни предвесници на реформата и демократските промени не само во сферата на кривичното законодавство, туку и во целокупното општество. За тоа беше потребна огромна храброст во тогашниот ригиден и закостенет систем, кој немаше никаква толеранција за неговите критичари и неистомисленици. Поради тоа имаше страшни проблеми со тогашната власт, која, прогласувајќи го за свој идеолошко-политички непријател, се обиде (преку нарачани партиски состаноци) да го исклучи од Партијата, па дури и да му ја одземе професурата и да го отстрани од Правниот факултет. Тој стоички ја издржа таа борба (сам против сите), со што, едновремено, даде немерлив придонес во одбраната на автономијата на Универзитетот, како и во афирмацијата на критичката научна мисла и на слободата на говорот и изразувањето. За среќа, по серијата исклучително мачни состаноци (на кои, покрај грозните инсинуации вперени против неговата личност, бевме сведоци и на своевидна партиска узурпација на научната мисла), во матичната партиска организација на Правниот факултет му беше изречена само мерката опомена. Но, подоцна, целосно разочаран, тој самиот ја врати партиската книшка. Пред распуштањето на факултетската партиска организација, по заслуга на нејзиниот тогашен (последен) претседател, нему и на некои други претходно казнувани либерали им беа укинати партиските казни.

Професорот Марјановиќ беше и угледен општественик. Сè уште ни се во живо сеќавање неговите луцидни согледувања, забелешки и коментари за општествените проблеми и девијации (и за македонските работи воопшто) во бројните колумни и јавни настапи, во кои предлагаше оригинални решенија за бројни правни и општествено-политички прашања. Исто така, по воведувањето на повеќепартискиот систем во Македонија, беше основач и на една мала, но мошне влијателна политичка партија (Лигата за демократија). Притоа, важно е да се потенцира дека тој не беше политичар во вообичаената смисла на зборот, меѓу другото и затоа што негова цел не беше преку политичкото дејствување да издејствува некаква државничка функција, туку единствено да ја демократизира и да ја направи Македонија „пристојно место за живеење“.

Почивајте во мир, драг Професоре! Нека Ви е вечна слава и спомен!

Проф. д-р Методија Каневче