Во соработка со УГД и „Просветно дело“, успешно реализирано третото стручно советување во Штип со цел подигнување на свеста за важноста на читањето кај младите, како стратешки вовед во големото национално финале на Натпреварот во раскажување.
Штип, 20.5.2026 – По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, во Штип се одржа третото по ред стручно советување на тема „Читањето во ерата на екраните – битка помеѓу алгоритмите и книгата“.
Овој значаен настан е плод на партнерството помеѓу Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, редакцијата „Детска радост“ на „Просветно дело“ и клучните здруженија на просветни работници од Скопје, Куманово и Штип. Настанот имаше силен регионален одзив, обединувајќи наставници и професори од целиот регион околу една заедничка кауза.
Од инспирација до национално финале
Целиот овој серијал на советувања започна на иницијатива на уредничката во „Просветно дело“, Ксенија Маказлиева-Трајчева, и Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, откако Националниот натпревар во раскажување книги се покажа како моќен магнет за децата. Како што истакна г-ѓа Маказлиева во својата изјава, за да раскажуваат, децата мора прво да читаат, па оттука сите теренски и научни активности природно се поврзаа со Натпреварот како своевидно големо финале на овој процес.
Деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов, изрази големо задоволство што ФОН е домаќин на ова собирот, нагласувајќи ја итна потреба од едукација на децата за читање книги во време кога научните студии покажуваат огромни разлики во когнитивниот развој при читање од книга наспроти екран.
Дигитални предизвици и долгорочна мисија
Во своето обраќање, Александар Марјановиќ од Фондацијата ја дефинираше суштината на проблемот со кој се соочува современото општество — агресивната конкуренција на мобилните телефони и нивните алгоритми кои се борат за вниманието на децата.
„Нашата намера е да ја продолжиме идејата на професорот Ѓорѓи Марјановиќ – Македонија да стане пристојно место за живеење. Преку Академијата за идни лидери ги обликуваме младите по урнекот на Ѓорѓи, но сè почнува од книгата и писменоста. Денес, мобилните телефони влијаат врз детскиот мозок на начин кој предизвикува сериозна зависност, и затоа наша должност е да ги прошириме активностите и заедно со просветните работници да ја поттикнеме автентичната љубов кон читањето“, истакна Марјановиќ.
На советувањето со свои излагања учествуваа еминентни професори од ФОН (проф. д-р Даниела Коцева, проф. д-р Емилија Петрова Ѓорѓева, проф. д-р Ирена Китанова, проф. д-р Снежана Мирасчиева, проф. д-р Верица Јосимовска, проф. д-р Соња Петровска, проф. д-р Деспина Сивевска, проф. д-р Снежана Ставрева Веселиновска и насл. доц. д-р Сања Гацов), кои ја истакнаа важноста на одговорното користење на вештачката интелигенција и улогата на книгата во емоционалниот и психолошкиот развој на новите генерации.
Фондацијата им се заблагодарува на сите партнери за исклучителниот придонес и енергија. Овој настан е силен поттик во пресрет на големото суперфинале на Натпреварот во раскажување кое нè очекува во јуни, но и јасен сигнал дека соработката со Факултетот за образовни науки допрва ќе се продлабочува и институционализира.






