19.09.2005
Дома ми рекоа: ме барале од “Теа модерна”. Што ли сакаат? Не сум од оние што, заради политичка реклама, се сликаат со престилки во кујната и даваат “рецепти” преку весници: умеам да направам попара, да спржам јајца на око, со сирење, со шунка. Такви работи! Да сварам чај, кафе, какао, само не верувам дека тоа некого особено ќе го импресионира. Се наострив дамата да ја “откачам”, кога – таа не се јавувала за готвење, туку за една страничка сеќавања за моето родно место. Тоа не се одбива! Башка, наближуваат избори, па убаво е да се обидам да придобијам и малу кумановски избирач(к)и. Кога текстот го објавија, за чудо, и мене ми се допадна. Особено делот за моите први чекори во библиотеката. Сега седам пред својата пространа вила во Никити, на Халкидики (не е баш моја, туку на кумот, но како да е моја: во септември е празна и желно нѐ чека нас од Скопје), седам и ги препрочитувам тие туку-така нафрлени сеќавања за оние 16 години минати колку дома, колку на училиште, толку и во кумановската библиотека…
“Само што научив да читам, а веќе некако дознав за библиотеката и појдов да се запишам. Често сум ја слушал Лепа Стојчева (која, подоцна, кога се омажи, стана грофица Цопа) како раскажува за својата прва средба со мене: сум бил помал од масата, па морала да стане за да ме види. Мојата прва средба со книгата беше „Жабата патница“. Книжулево имаше повеќе илустрации одошто текст и јас го прочитав за неверојатно кратко време и веднаш појдов назад да го вратам. Лепа како да не веруваше дека сум можел толку бргу да ја прочитам, па фати да ме распрашува за содржината. Јас полека, со ред, речиси од збор до збор, го потворив текстот на книгата (тоа не беше раскажување, туку рецитирање), таа се увери дека сум ја прочитал и ми даде нова…
Но, уште долго време инсистираше да ја раскажам содржината на книгата. Така, за да не се изрезилам пред Лепа (која за мене во тоа време беше најважната личност на светот по мајка ми, а во моите сеќавања на тоа време сѐ уште ја игра таа улога), никогаш не вратив ниту една книга без да ја прочитам. Тоа ми остана ‘мана’ до ден-денес: некогаш страшно се мачам со некоја лоша книга, но не се решавам да не ја дочитам. Небаре таа и денес ќе ме тера да ѝ ја прераскажам…
Подоцна секој слободен миг го минував во библиотеката. Помагав, лепев етикети, пополнував картони (на книгите, на читателите). Таму и ден-денес може да се сретнат книги со етикети врз кои се препознава мојот детски ракопис. Кога навлегов малу повеќе во „библиотекарскиот занает“, ми беше дозволено да издавам и книги: се разбира, на моите врсници. Ним им ги препорачував книгите што и самиот ги сакав, а ги поштедував од мачната должност да ги читаат оние што ги нејќев.”.
Убави времиња: невино детство, а сепак толку исполнето со важни работи. Важни за животот што претстоеше. Ми се чини дека за библиотеката, а особено за Лепа, што ја создаде, би можел да напишам цела книга: мои сеќавања – за нејзините! Зашто паметам сѐ што ми раскажуваше за себе и за библиотеката. На пример, како таму некаде 1947-1948 година ја викнале во комитетот (иако таа никогаш не беше партијка) и ѝ наложиле да ја води, поточно да ја создаде библиотеката. Власта им ги имаше конфискувано имотите на “народните непријатели”, а тие, меѓу другото, имале и книги, па им ги одзеле и нив, небаре биле “воена печалба”, а не збирки собирани цел живот. Особено раскошна беше библиотеката на еден лекар, што го стрелале (или се самоубил?) како тежок “бугараш”, иако сите книги му беа српски и на секоја стоеше неговиот ex libris “Доктор Андоновиќ”. Таа им кажала дека како ќерка на книжар помага во книжарницата, но за библиотека не знае ништо. Кому ќе му зборуваш? Решението за нејзиното назначување веќе било потпишано…
Знаејќи ја безмалу цел век, не се чудам што тукуречи преку ноќ стана одличен библиотекар: од неа ја “префатив” болеста спрема книгите. Кога се “скаравме” со Сталин, на пример, пак ја беа викнале во комитетот: да ги уништи делата на Сталин (подоцна, веројатно, добивала слични наредби и за делата на Ѓилас и на сите оние што еден по друг ќе се најдеа на партискиот “Index librorum prohibitorum”). Јас веќе одамна бев доброволна работна рака во библиотеката. Лепа се врати од комитетот некако посебно решителна и без збор објаснување ми кажа дека овие и овие книги треба да ги префрлиме во најдалечното катче од библиотеката и да ги наредиме како втор ред, зад книгите што ќе стојат пред нив во првиот. Речено-сторено: никој жив не ќе можеше да ги открие. Веројатно и денес собираат прашина во некое ќуше. Мене само ми рече: “Наредија да ги изгорам, а книги не се палат! Еден ден некому ќе му требаат да пишува докторат, историја…”.
Таа важна лекција никогаш не ја заборавив. Еден ден, една дама од Германија, со која се бев запознал на ученичката екскурзија низ Југославија, па се допишував за да си го вежбам јазикот, ми испрати неколку книги, главно лесни романи и една романизирана биографија на Бетовен. Едната, меѓутоа, во импресумот носеше ознака “Oberkommando des Wehrmachts” (Врховна команда на оружените сили) и секако требало да развива патриотски чувства кај војниците. Јас не ја уништив, иако тогаш (1958 или нешто подоцна) можеше да се смета за непожелна книга во една социјалистичка земја.
Инаку, и тогаш, како и сега, буџетите за културата беа тенки. Лепа сепак ќе се избореше библиотеката да го добие она што ѝ беше потребно: ако не успееше убедувањето со зборови, ќе посегнеше по она неодолливо женско средство – солзите: ќе заплачеше пред одборниците на Околиското собрание и тие ќе му се смилуваа на девојчето, а библиотеката ќе добиеше барем толку пари за да купи по два примероци од секоја издадена книга. Така беше додека таа раководеше со библиотеката. Како е сега, не знам: Лепа е одамна пензионер; моите стари испоумреа и јас ретко одам во Куманово, а веќе не ме влече срце ни во библиотеката. Сепак, многу пати си мислам, право ли е библиотеката да го носи името на некој несреќно загинат партизан што со неа нема ама баш никаква врска. Кога јас би се прашувал таа библиотека би требало да се вика “Лепа Стојчева-Цопа”, според жената што ја формираше и ја направи трета по број на книги во Македонија (иако Куманово не беше трето по големина, а особено не по богатство). Заслугата беше, значи, само нејзина. Туку, ова е веќе политика, а јас се зареков ова писание да биде (заслужено безделничарско) сеќавање од македонското приморје (срам да му е кој ќе помисли нешто лошо!). Барем еднаш во годината да здивнеме од политика! И јас, и вие!
###
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ не се продаваат на „традиционален“ начин туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од нашите стратешки определби.
Инструкции за нарачување
За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај во горниот десен агол и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ а ние книгите заедно со автограмот од авторот ќе ги доставиме на Вашата домашна адреса. При нарачката, во полето Белешка за нарачката, задолжително наведете „Колумни“.
Забелешка: Можете да донирате износ по ваш избор но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, ве молиме контактирајте нé претходно.







