Дебата во Охрид: Важноста на читањето во ерата на алгоритмите

Охрид, 28.05.2026 – Преку соработка со образовните институции и директна работа на терен, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ продолжува да отвора суштински дебати за развојот на младите. Вчера во Охрид, во амбиентот на хотелот Десарет, се одржа панел-дискусијата „Читањето во ерата на екраните – битка меѓу алгоритмите и книгата“. Домаќин на овој настан беше ОУ „Св. Наум Охридски“, чиј ученички аудиториум имаше можност да слушне нови перспективи за дигиталното доба и вистинските вредности.

Панелот понуди спој на стручност и искуство низ излагањата на проф. Мариета Петрова (Педагошки факултет Скопје), м-р Лили Бошевска (библиотекар советник од ООУ „Кирил и Методиј“ Битола) и наставничката советничка Лила Каранфилоска, под модераторство на проф. Валентина Рубаноска.

Посебен белег на дискусијата остави излагањето на извршниот директор на Фондацијата, Александар Марјановиќ, кој дебатата ја постави на темелите на кои е изградена и самата организација. Споделувајќи ја приказната за животниот пат на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, тој илустрираше како книгата и моќта на пишаниот збор можат да го обликуваат човекот во бестрашен борец. Токму ораторските вештини и интелектуалната супериорност, стекнати низ доживотно читање, му овозможија на Професорот да ја победи битката за укинување на злогласниот член 133 од Кривичниот закон на СФРЈ (вербалниот деликт) – победа која беше еден од клучните чекори кон раѓањето на демократијата на овие простори.

Поврзувајќи го ова историско наследство со денешницата, Марјановиќ истакна дека читањето не е минато, туку врвен „фитнес за мозокот“ во ерата на алгоритмите. Тоа е алатка која на децата не им носи само полесно учење и подобри оценки, туку и нешто многу поважно во нивниот свет – развивање на карактерот, интелектуална самодоверба и почит меѓу врсниците. Да се чита денес значи да се биде автентичен и „кул“.

Како природен продолжеток на оваа филозофија, на панелот беше презентиран и претстојниот Натпревар во раскажување во организација на Фондацијата. Овој натпревар не е само настан, туку практична арена каде новите генерации можат да го вежбаат својот ум, да го совладаат јазикот и да научат како моќно да ги презентираат своите идеи – исто како што тоа некогаш го правеше Професорот.

Технологијата е тука да ни служи како современа алатка, но книгата останува чувар на слободната мисла. Фондацијата продолжува со работа на терен, подготвувајќи ги децата за суперфиналето во јуни, каде ќе ги слушнеме најубавите приказни раскажани од самите нив.