Search
Close this search box.

Роберт Алаѓозовски

Двата атентати врз Марјановиќ

Напишано од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, поранешен министер за култура

Проф. Ѓорѓи Марјановиќ го запознав преку сестра ми. Таа стана студентка на Правниот факултет и, како и повеќето нејзини колеги, веднаш капитулираше пред неговата надалеку прочуена харизма. Во бурната есен 1990-та година таа ревносно агитираше за Лигата за демократија, иако тие 13 000 гласови, освоени од ЛД на првите парламентарни избори, воопшто не ја одразија нејзината жар (јас сè уште немав право на глас, но ми се чини дека барем три четвртини од семејството гласаа за валандовскиот носител, адвокатот Каракамишев). Но бројките, а ниту стандардната партиска активност не беа типични за Лигата, така што, откако нејзината оддушевеност од професорот се пренесе и на мене, и двајцата продолживме да ја негуваме политичката обземеност со Марјановиќ, голтајќи ги неговите интервјуа, јавни ставови, предавањата на Правен, статиите на гласилото на ЛД, Демократски форум.

Она што ме фасцинираше во ставовите на Марјановиќ, беше силната политичка етика, бескомпромисноста и доследноста во ставовите, интелектуалната длабочина и промисленост, комбинирани од една страна со директност на пораката, а од друга страна, со безмалку уметничка, естетска реторичност на искажаното. Неговата потреба од рационалност, умереност, прибраност во политичкото дејствување беше вистинската мерка за мене, среде разузданите, дионизиски, недоквакани транзициски политичарења. Не случајно, првото мото на Лигата за демократија, стана, ми се чини, една од најупотребуваните политички фрази во подоцнежните години, на ниво на јазична калка: пристојното место за живеење. Во тоа адолесцентско живеење, ставовите на Лигата, јавните настапи на Марјановиќ ги чекав како нов музички сингл, концертно појавување. Бев политички исполнет и среќен, без разлика што имав чувство дека припаѓам на многу мало политичко граѓанство.

Иако бев негов пасиониран проследувач во таа последна деценија од дваесетиот век, а богами и од вториот милениум, не собрав храброст да му се приближам, да му се претставам, да се запознаам. Си дозволував да бидам само публика, или бледо, брзо и невпечатливо да го поздравам при ретките средби.

Тоа се смени во 1999 година, една година по идејата да се обнови, во меѓувреме претопената во Демократската партија на Гошев, ЛД, и откако Ѓорѓи Марјановиќ реши да го преземе кормилото во раце. Јас тогаш веќе бев постдипломец, интелектуално формиран, млад критичар, тукушто заминат културен новинар и колумнист од Студентски збор и Сител. Мојот порив кон совршеноста и доследноста ме натера да заѕвонам на познатиот домашен телефон и да договорам средба во легендарната барака на, уште поспоменуваната од него, улица, Јужноморавски бригади, во „населбата на владејачката класа“, Ченто. Од таа средба потече четиригодишно политичко, интелектуално и приватно другарување, со меѓусебно надополнување, полна поддршка од професорот за моето пробивање во јавниот живот и полна партиска работа (трибини, уредување на обновениот Демократски форум, состаноци, политички кампањи). Не мал дел од тоа разгоропадено другарство беше и откривањето на уметничкиот квалитет на неговата позната сотија, Стручен труд. За книгата детално пишував во мојот магистерски труд и ја сметам за ремек-дело на постмодерната проза, необичен начин преку уметничка авторска постапка да се документира едно поглавје од животот, автофикција и фактографија, бравурозен сарказам и автоиронија испреплетена со мемоар.

Таа фаза на интензивно дружење заврши во 2002 година, кога јас, чувствувајќи ги и на своја најгола кожа типичните резултати на ЛД, решив да се повлечам од политиката, и во следните десет години да се посветам само на професионалниот и интелектуален живот. Контактот по тој период беше поредок, но секогаш срдечен. Повторно, како стари борци, другарувавме на улиците во 2015 година, со силна поддршка за Шарената револуција и тој импулс нè одржа во повремена комуникација до самата смрт.

Со професорот имав многу анегдоти, и во негово отсуство и во негово присуство. Со една убава асистентка од Правен седевме во Ли и цела вечер бевме во мискомуникација, затоа што често алудиравме на професорот, дури јас не сфатив дека за мене ултимативниот професор е Марјановиќ, а за неа тоа е еден друг, секако харизматичен но помлад универзитетлија… Мислам дека Петре М. Андреевски со посебен пиетет се однесуваше кон мене, во однос на целата друга генерација млади писатели, зашто јас бев член на ЛД и близок до Марјановиќ. Кога јас бев носител на листа, во 2002, професорот во споменатата барака ми организираше донаторска вечера со еден наш врвен академец од преку барата, и тоа повеќе наликуваше на Платоновата гозба, под вештите кулинарски раце на професорката, отколку на донаторска вечера, иако Ѓорѓи инсистираше таа да не заврши филозофско-чревоудогно, туку политички – јас да добијам пари за мојата кампања… Сè дотаму, што јас за малу ќе го убиев, токму во текот на таа кампања (по изборната единица 4), кога тој се согласи да настапуваме заедно по локалните телевизии (а уредниците прифатија широкоградо, не поради мене, туку затоа што професорот приредуваше вистински интелектуални шоуа, верувам за првпат на многу од тие медиуми).

И тоа не еднаш, туку двапати!

Јас, одамна а неволно положен и колафоб, сфатив дека морам да земам волан в раце, ако сакам да истерам колку-толку теренска кампања. Со слаби управувачки вештини, една вечер, по страсниот настап на неготинската телевизија, подзастанав среде автопат по клучката зашто не бев сигурен дали се приклучив во вистинската автострада (ме збунија светлата од паралелниот локален пат, кон неготинско поле). Малку фалеше да нè збришат забрзаните џипови зад нас, по автопатот. И вториот пат, неколку дена потоа, кога на тесното џаде угоре манастирот св. Ѓорѓи над Валандово толку се расприкажав, особено затоа што на професорот му се допадна славата на манастирот посветен на светецот што го носи неговото име. Почнав инстиктивно да се дообјаснувам со раце, тоа на мојот тврд волан не му се допадна, почна да закривува и многу малку фалеше да завршиме во ендекот покрај патот. Мора да признаам дека и во двата случаи, Ѓорѓи одреагира професорски поучно и смирувачки. Повеќе беше вџашен од мојата недоветност. Но не покажа паничен страв од смртта. Само рече – не ѝ кажувај на жена ми.