Search
Close this search box.

Стево Пендаровски

Напишано од Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија

Со длабока тага ја примив веста за смртта на проф. д-р Ѓорѓе Марјановиќ, долгогодишен професор по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Професорот Марјановиќ беше еден од великаните на кривичното право во поширокиот регион, автор на многу значајни трудови и преведувач на дела од светски калибар. Како демократ по уверување, тој уште во времето на комунизмот и едноумието беше дел од македонската либерална пролет и се бореше за заштита на фундаменталната човекова слобода на мисла, совест и верување.

Со својот врвен интелект, огромно знаење и оригинален стил на предавање, тој беше инспирација за илјадници студенти од повеќе генерации на Правниот факултет. Дури и по пензионирањето, не престана да ги адресира клучните прашања и процеси во државата, вклучително и преку остроумните и добро аргументирани колумни со кои учествуваше во македонските јавни дебати.

Со својот академски, професионален, но и политички ангажман, тој даде пример за јавно ангажиран интелектуалец кој се застапува за јавното добро и јавниот интерес. Со смртта на Ѓорѓи Марјановиќ изгубивме голем правник, педагог и сестрана личност.

Нека почива во мир.