Тони Дескоски

Мојата генерација ја имаше среќата да ги следи предавањата по Кривично право на Професорот Марјановиќ во првите години по падот на социјализмот. Во тоа време тој беше општествена суперsвезда, лидер на новооформена либерално ориентирана политичка партија, автентичен дисидент и човекот кој отворено му се спротивстави на семоќниот Слободан Милошевиќ. Амфитеатарот III во кој тој држеше настава по Кривично право беше секогаш полн, многу често и со студенти од други факултети, жедни да го чујат Професорот кој отворено зборува за општествените деформации, за човечките мани и доблести. Неговиот придонес во градењето на генерации на студенти, меѓу кои и јас ја имав привилегијата да се вбројам, е непроценливо. Од Професорот учевме секогаш да трагаме по вистината и праведноста, највисоките идеали на секој правник. Неговиот учебник беше вистинска ризница на знаење не само за Кривичното право, туку и за правната методологија. На предавањата тој понекогаш ќе се осврнеше на личната и семејна траума која ја преживеал една деценија порано, а причинета од политичкиот прогон изведен од „докажаните бранители“ на системот, сместени на неговиот матичен факултет, во неговиот матичен Сојуз на комунистите, во печатот и низ мрачните ходници на тајната служба. Но, тоа секогаш беше повеќе на шега, со иронично потсмевање на слабостите и парадоксите на веќе пропаднатиот социјалистички систем и промашувањата на неговите прогонители.

Независно од популарноста на Професорот Марјановиќ и општите симпатии во јавноста кон него, во деведесетите години на минатиот век Правниот факултет продолжи да го игнорира сопствениот злостор и не се одважи да му се извини на Професорот, ниту пак му оддаде признание за неговиот придонес во воспоставувањето на демократски повеќепартиски поредок во нашата држава. Изолиран од Факултетската заедница, професорот самиот го издал сопственото сведоштво – сотијата „Стручен труд“, како приватно издание. За мене беше некако чудно и неразбирливо кога на годишната промоција на изданијата на професорите на Факултетот, за Стручен труд беа кажани само неколку збора, дека се работи за дело во кое авторот се шегува со околината, но и со себе, небаре се работи за обично хумористично дело, еден вид на литературен излет на некој професор. И толку. За Стручен труд и за случајот Марјановиќ на Правниот факултет не се зборуваше. Ниту пак му беше дадена можност да го предводи Факултетот или барем да има поголемо влијание на неговиот развој. А Професорот го имаше до совршено развиено т.н. “case law” метод, каде студентите го полагаа испитот со закон пред себе, со задача да ја пронајдат соодветната норма за фактичката ситуација која им беше презентирана и истата да ја применат.

Во еден чуден сплет на околности, во 2017 година ми се пружи шансата да иницирам реализирање на симболично извинување на Правниот факултет кон Професорот Марјановиќ. Во тоа време, главните „егзекутори“ од 80-тите години веќе беа заминати во пензија, а на Факултетот дуваше свеж воздух по мачниот неколкугодишен период на политички замешателства во изборот на декан. Како и за многу други шокантни работи, и ова мораше да се изведе изненадно, за да не може да биде осуетено. На наставно-научниот совет, под точка разно, од ведро небо го дадов предлогот во знак на извинување до Професорот Марјановиќ, Факултетот да ја преиздаде неговата сотија. Идејата ми беше, во сотијата се раскажува за темните петна на Факултетот, а штом Факултетот ја издава, значи дека се оградуваме од нанесената неправда и зло. Се разбира, се оградуваме и од „егзекуторите“, иако не изречно (тоа сепак би било премногу). Одлуката по предлогот што никој не го очекуваше беше донесена едногласно. Потоа следеше и прекрасна јавна промоција, на која присуствуваа пријателите и почитувачите на делото на Професорот Ѓорѓи Марјановиќ. Остана горчливото чувство дека сепак овој чин требаше да биде организиран и одржан многу порано, а организатори да бидат „немите“ учесници на настаните од осумдесетите години на ХХ-от век.

Денес, учебникот по Кривично право на Професорот Марјановиќ не е препорачан ни како дополнителна литература на студентите на Правниот факултет. За среќа, животот на ова негово дело продолжи на друг универзитет. И повторно, Професорот е поприсутен надвор отколку на Правниот факултет.