Дали чекате детето да тргне на училиште за да го описмените?

Писменоста не е само една, изолирана вештина. Таа е сложен процес во кој се испреплетуваат четири основни способности: читање, пишување, зборување и разбирање.

Во минатото преовладувало мислењето дека овие вештини се развиваат одделно, по строго утврден редослед. Се сметало дека детето најпрво треба да научи да го разбира јазикот, потоа правилно да зборува, а дури откако ќе ги совлада овие две вештини, дека е подготвено да учи да чита и да пишува.

Поради ваквото сфаќање, описменувањето најчесто се поврзувало со тргнувањето на училиште — со моментот кога детето формално станува „подготвено да учи“. Како последица на тоа, на детските книги и на читањето со родителите во домот не им се придавало значењето што го имаат денес.

Новото разбирање за раното описменување

Денес знаеме многу повеќе за начинот на кој кај малите деца се развиваат читањето, пишувањето и јазичните способности. Развојот на писменоста започнува многу порано од првиот училиштен ден, а средината во која детето расте има големо влијание врз тој процес.

Учењето да се чита и пишува во многу нешта наликува на учењето да се зборува. Развојот на говорот, на пример, започнува долго пред детето да го изговори својот прв јасен збор. Уште од најрана возраст, разговорот и секојдневната интеракција со луѓето и со светот околу него му помагаат да го разбира јазикот и постепено да почне да го користи.

Слично е и со писменоста. Малите деца не ги стекнуваат првите вештини поврзани со читањето и пишувањето преку формални часови и строги вежби. Тие постепено ги развиваат преку секојдневни искуства, игра, разговор, книги и заеднички активности со родителите и другите возрасни што се грижат за нив.

Најлесно учат кога читањето и пишувањето имаат смисла во нивниот свет: кога заедно разгледувате книга, кога препознаваат знак на улица, кога „пишуваат“ порака, кога го гледаат своето име или кога повторно ја бараат приказната што толку многу ја сакаат.

Затоа, не мора да чекате детето да тргне на училиште за да го воведете во светот на читањето и пишувањето. Исто како кога учеше да зборува, потребни му се можности да истражува, ваша поддршка и, пред сè, трпение.

Не очекувавте неговите први зборови да бидат совршени. Го слушавте, го охрабрувавте и се радувавте на секој нов обид. На истиот начин може да го придружувате и на патот кон читањето и пишувањето.

Не е важно детето што порано да почне „правилно“ да чита и пишува. Важно е што порано да открие дека зборовите, приказните и книгите се интересен и природен дел од неговиот свет.

автор
Матилда Бајкова
Проф. по македонски јазик и литература | м-р по филолошки науки
Специјалист за работа со ученици со ПОП во инклузивна училница
Истражувач во областа на отвореното образование